Возачот на Мерцедес, Андреа Кими Антонели, ја оствари својата прва победа во спринт трка, победувајќи во првата трка од Големата награда на Велика Британија, која е деветтата рунда на оваогодишното првенство во Формула 1.
Младиот Италијанец се искачи на првото место на патеката „Силверстоун“, завршувајќи со две секунди предност пред Луис Хамилтон од Ферари, кој стартуваше од пол-позиција. Бранителот на титулата, Ландо Норис, заврши трет со својот Мекларен.
Во спринтот бодови освоија и Џорџ Расел (Мерцедес), Шарл Леклер (Ферари), Макс Ферстапен (Ред Бул), Оскар Пајстри (Мекларен) и Лијам Лосон (Рејсинг Булс).
Во самата трка, Хамилтон водеше до осмиот круг, кога Антонели доби шансa за напад, го мина седумкратниот шампион и рутински го заврши натпреварот со победа.
Интересна конкуренција се одвиваше за позициите четири, пет и шест. На крајот, Расел успеа да го мине Ферстапен, кој потоа ја загуби битката и со Леклер. Расел ги одбиваше нападите на Леклер, но не успеа да нападне Норис за третото место.
Во генералниот пласман, Антонели ја зголеми предноста на 43 поени во однос на својот тимски колега Расел.
Акцијата на легендарната патека продолжува од 17:00 часот со квалификациите, додека Големата награда на Велика Британија ќе се одржи во недела од 14:00 часот.
Фото/ depositphotos




