Антикорупциската екипа на СДСМ со нови обвинувања против Томовски: „161 тендер, 5,3 милиони евра – буџетот се чистел во семејството“

Антикорупцискиот тим на СДСМ излезе со нова серија обвинувања против Ивица Томовски, директор во владините структури на ВМРО-ДПМНЕ. Тие тврдат дека семејната компанија „Сити аутсорсинг“ добила вкупно 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра. Според информации од СДСМ, по доаѓањето на новата влада, компанијата забележала раст на својата деловна активност од 306 проценти во 2024 година, а во 2025 година веќе инкасирала скоро половина милион евра преку нови државни договори.

По објавувањето на овие информации, Томовски побара извинување од СДСМ, но од партијата возвратија дека „нема извинување за оние кои непотребно ги оптеретуваат граѓаните“. Антикорупцискиот тим денеска објави нов податок – телефонски број поврзан со фирмата, за кој тврдат дека е директно поврзан со Ивица Томовски.

„Меѓу телефонските броеви наведени во документацијата на „Сити аутсорсинг“ се наоѓа 078-362-710. Проверивме и излегува фотографијата на Ивица Томовски. Ова дополнително ја потврдува очигледната поврзаност со фирмата, во која се вклучени неговиот татко Витомир и блискиот роднина Кутановски“, велат од СДСМ.

Партијата повторно изрази очекување дека Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство ќе иницираат постапка за конфликт на интерес, злоупотреба на функција и корупција во врвот на власта предводена од Христијан Мицкоски.

„Кој сега ќе извинува? Единствено на граѓаните ви е потребно извинување, кога ќе одговарате – сите до еден. Работата допрва започнува“, се вели во соопштението на Антикорупцискиот тим на СДСМ.