Вице-премиерот Изет Меџити изјави дека партијата ВРЕДИ сè уште не ги има утврдени кандидатите за претстојните локални избори, бидејќи процесот на истражување на јавното мислење е во активна фаза.
– Во овој момент немаме конкретно утврдени имиња, бидејќи ВРЕДИ ангажираше реномирани агенции за спроведување на испитувања на јавното мислење. Тие ги обработуваат не само темите и програмите, туку и потенцијалните кандидати за локалните избори. Анкетите ќе бидат еден од клучните фактори при определувањето на кандидатурите, изјави Меџити по отворањето на Македонскиот енергетски форум – MEF25 во Скопје.
Тој истакна дека во албанскиот политички блок на локалните избори ќе се конкурира со две политички опции.
– Веќе е јасно дека во албанскиот политички блок постојат два блока – ВРЕДИ и ДУИ, така што на локалните избори ќе се натпреваруваме како две различни политички опции, посочи Меџити.
Додаде дека Арбен Таравари веќе е интегриран во ДУИ и неговото политичко позиционирање е видливо.
– Односно, Таравари сега е дел од ДУИ, дел од тој блок. Може да се види дека, ако порано имаше посебни листи за советници, сега тој ги заборавил и секојдневно соработува со ДУИ, готвејќи се заедно за изборите, рече Меџити.
Според него, оваа поделеност на политички опции во албанскиот блок е позитивна за демократското општество.
– Во секој случај, Албанците во Македонија имаат две опции, конкуренција на платформи и програми, и мислам дека тоа е здраво за демократското општество, заклучи тој.




