Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ официјално е вклучен во програмата на 11. Светски филмски фестивал, кој ќе се одржи во Монтевидео, Уругвај, од 7 до 9 јули. По Бразил, Аргентина, Еквадор и Венецуела, ова е петтата локација во Латинска Америка каде што ќе биде прикажан филмот.
Под режисерската палка на Гоце Цветановски, „Јон Вардар против Галаксијата“ е фантастична комедија која веќе освои симпатии на многу светски фестивали. Со комбинирање на остар хумор и различни стилови на анимација, филмот ја раскажува неверојатната приказна на еден антихерој на неговото патување низ вселената.
Приказната е плод на креативноста на Гоце Цветановски, кој ја напиша и режираше, додека Михајло Димитриевски, познат како Тхе Мичо, е арт директор. Продуцент на филмот е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.




