Скандал во Куманово: СДСМ бара одговорност за злоупотреба на деца
СДСМ јавно повикува на одговорност во врска со сериозниот инцидент во Основното училиште „Кочо Рацин“ во Куманово, каде што се откриени злоупотреби на деца за политички цели од страна на ЗНАМ и Максим Димитриевски. Ова го изјави Розалија Ангеловска, членка на Комисијата за образование на партијата.
„Во училиштето работи сопругата на Димитриевски и претседателката на Советот, Ивана Георгиевска, која е дел од ЗНАМ. Наместо да се укаже на вистинска хуманост, јавноста видела нешто сосем противречно – деца кои се злоупотребуваат и ставаат во улога на политичка пропаганда, принудени да изведуваат песна од изборната кампања на Димитриевски“, нагласи Ангеловска.
„Ова претставува класична злоупотреба на деца за политички цели, што е противно на законите и грубо ги нарушува правата на најмладите. Обидите на ЗНАМ да го оправдаат овој скандал се срамни. Видеото од настанот го потврдува ова. Со оглед на темата на песната, можеби во ЗНАМ би помислиле дека таа треба да стане задолжителна во училишната музичка програма, но ЗНАМ не е културно-уметничка институција, ниту пак Максим е познато име во класичната музика“, додаде таа.
„Очигледно е дека границите за Димитриевски и ЗНАМ не постојат – од сомнителни тендери до политичка пропаганда и злоупотреба на децата. СДСМ бара итна реакција од надлежните институции. Државниот просветен инспекторат и Министерството за образование и наука треба да иницираат постапка за утврдување одговорност на директорката, наставниците, организаторите и градоначалникот Димитриевски“, истакна Ангеловска.
„Комисијата за заштита на правата на децата исто така треба да реагира и да ги заштити правата на учениците. Бараме целосно расчистување на случајот и соодветни санкции за сите инволвирани, без исклучок. Децата не смеат да бидат инструмент за политичка кампања“, заклучи таа.




