На денешната седница во Собранието, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, изнесе своите ставови за Предлог-буџетот за 2026 година, нагласувајќи дека тој претставува стратегија и одговорност кон граѓаните, економијата и институциите.
„Буџетот не е само финансиски план или табела со бројки; тој е стратегија и визија за напредок. Предлог-буџетот за 2026 година недвосмислено покажува разликата помеѓу оваа Влада и сите претходни. Овој документ носи јасна политичка порака дека државата конечно се движи во правец на развој, дека економијата бележи раст, дека институциите функционираат дисциплинирано и дека секој денар е искористен за инвестиции и подобрување на животниот стандард. Овој буџет е еден од најреалните и најодговорно планираните во последната деценија. Тој истовремено сигнализира дека државата напредува и дека Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, управува со дисциплина и одговорност“, изјави Ангелова.
Таа додаде дека во 2026 година е планирано да се вратат 1,2 милијарди евра долгови создадени од претходните влади. „Можевме да се впуштиме во популизам, да создадеме хаос и да расфрламе средства, но одбравме дисциплина, државност и рационално планирање. Вкупните приходи за 2026 година се планирани на 374,9 милијарди денари, при што применивме реален и конзервативен пристап. Расходите се проектирани на 414,2 милијарди денари, насочени кон јавни услуги, капитални инвестиции и социјална поддршка. Буџетскиот дефицит е 3,5% од БДП, што претставува значително намалување во однос на претходните години и е во согласност со фискалните правила и препораките на меѓународните финансиски институции“, истакна Ангелова.




