Андоновски: Проблемот со платите во администрацијата треба да се решава со дискусија, а не со штрајк и протести

Вработени од шест министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив утре, според најавите, ќе излезат на протест со барање за потпишување на колективен договор и исплата на 30 проценти додаток на плата. Вработените во Државното правобранителство веќе стапија во штрајк со истите барања

Проблемот со зголемувањето на платите во јавната администрација е комплексен и решението треба да се бара преку дискусија помеѓу засегнатите страни, а не првиот одговор да биде штрајк и протест, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма / Фото: Принтскрин

Овој свој став министерот го наведе во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, осврнувајќи се на протестот на вработените во осум министерства закажан за утре, поради неисполнувањето на нивните барања за додаток на платите од 30 отсто.  

Во конкретниот случај, Андоновски главниот проблем го лоцира во тоа што, како што наведе, дел од министерствата и дел од институциите во изминатиот период потпишале колективни договори според поединечни закони и со тоа успеале да ги зголемат платите на одредени вработени во тие институции. Истовремено, администацијата во министерствата, вели, генерално е оставена на истите плати од претходно во кои го нема додатокот од 30 проценти. 

Како што кажа, секое министерство е оставено само да решава како ќе се справува со проблемот.  

„Единствено Министерство кое потпишало ваков колективен договор пред изборите е Министерството за финансии. Тоа е генералниот проблем, се носеле ад хок решенија, Собранието си ја зголемило својата плата, високото образование ја зголеми својата плата, Управата за јавни приходи (УЈП)“,

рече Андоновски додавајќи дека станува збор за поединечни, парцијални решенија.  

Вториот проблем, како што рече, е тоа што во Министерството за дигитална трансформација повеќе од 15 години има луѓе кои се оставени на работни позиции со средно образование, иако повеќе од пет години имаат завршено високо образование и кои во изминатите 12 години можеле да бидат унапредени.  

„Не велам дека вработените не заслужуваат повисока плата. И ние размислувавме за 10 проценти скалесто зголемување следната година, 30 проценти понатаму. Но, сето тоа мора да дојде кога ќе бидат расчистени работите што ви се оставени како лошо искуство“,

рече тој. 

За најавениот протест утре, министерот вели дека тоа е демократско право, но оти не треба веднаш да се оди на вакви чекори, туку да се разговара и да се најдат излезни решенија.  

„Неколку пати сум се сретнал со претставниците на Синдикатот во моето Министерство, УПОЗ и Сојузот на синдикати. Не мислам дека првиот одговор на некое неразрешено барање на синдикатите треба да биде штрајк и протест, секако, тоа е нивно право, но верувам дека не треба веднаш да се оди на протест без да се разговара. Тука сме, стоиме на располагање да продолжиме со дискусиите и да видиме како да ги надминеме проблемите“,

рече Андоновски. 

Според него решението е во воведување на систем на плати.  

„Систем на плати, тоа е одговорот. Систем на плати во којшто луѓето со исти компетенции, со иста сложеност на работното место, кои што работат на иста ниво треба да земаат иста плата, затоа што на друг начин ние немаме како да ги мотивираме вработените. Тие секогаш ќе гледаат да заминат некаде каде што има повисоки плати. Ние се доведуваме во ситуација како раководители на институциите да работиме едни против други кој најмногу може да избоксува за својата институција, не гледајќи дека со тоа правиме штета на институциите од кои што зависиме“,

рече Андоновски.   

Илустративна фотографија / Фото: Архива

На прашањето дали има пари со коишто на кој било начин би можело да се најде компромис, министерот одговори дека тоа е прашање за Минитерството за финансии кое е одговорно за државната каса. 

„Тоа е сепак прашање за генералниот буџет на државата кој што го раководи Министерството за финансии. Мислам дека токму таму е точката каде што треба да биде дискусијата, треба да биде меѓу сите засегнати страни, да се најде системско решение, не треба да се бараат решенија парцијално во една институција, во едно министерство, затоа што тоа го прелева проблемот на другите институции“, рече Андоновски. 

Вработени од шест министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив утре ќе излезат на протест со барање за потпишување на колективен договор и исплата на 30 проценти додаток на плата. Вработените во Државното правобранителство веќе стапија во штрајк со истите барања.  

- Реклама -