Ана и Игор Дурловски ќе одржат два новогодишни концерти во Скопје по повод 25 години од нивната оперска кариера – Вечер …1963

Познатата македонска оперска двојка, Ана и Игор Дурловски, на 16 и 17 декември ќе организираат новогодишни концерти во Националната опера и балет, со кои ќе ја одбележат својата 25-годишна оперска кариера. Заедно со симфонискиот оркестар „Ајга“, под диригентство на Ана Спасовска, ќе изведат избор на љубовни песни од македонската музичка традиција, во нови аранжмани кои ги подготвил композиторот Сони Петровски.

Тие нивни, на прв поглед едноставни лирски дела, се исполнети со скриени пораки и звучна колоритност. Со силна експресија на народниот бит, врежан во нашата колективна меморија, нивната магија овој пат ќе биде претставена во сосема ново светло. Љубовта — наивната, чистата, недопрена, достигнатата, но и онаа која никогаш не се остварила, копнежот, страста, а од другата страна и зависта, болеста, па и смртта — сите овие аспекти на љубовта ќе бидат испеани од славните оперски гласови на Ана и Игор Дурловски. Уникатноста на овој музички настан произлегува од спојот на италијанското белканто, што нагласува убавината на тонот, со звучењето на традиционалната мелоритмика, како што стои во најавата за концертот.

Концертот посветен на четврт век уметничка кариера, Дурловски го најавија и со видеопорака на „Фејсбук“ од Златната сала во „Музикферајн“ во Виена, каде неодамна настапија како солисти на концертот на Македонската филхармонија.