Наредбата веќе стана предмет на пет тужби од организации за заштита на човековите права и од правобранителите од 22 држави, кои ја нарекоа флагрантно прекршување на Уставот на САД


Сојузен судија во американскиот град Сиетл ја блокираше извршната наредба на новиот претседател Доналд Трамп со која им се одзема правото на децата родени во САД автоматски да добијат државјанство, нарекувајќи ја противуставна.
Судијата Џон Кофенур, по барање на четири сојузни држави водени од припадници на Демократската партија, издаде привремена забрана, со која се спречува администрацијата да ја спроведува наредбата што во понеделникот ја издаде републиканскиот претседател Трамп, на својот прв ден во Белата куќа.
Наредбата веќе стана предмет на пет тужби од организации за заштита на човековите права и од правобранителите од 22 држави, кои ја нарекоа флагрантно прекршување на Уставот на САД.
„Со оваа наредба, бебињата што се родени денеска не се сметаат за американски државјани“,
рече помошникот-правобранител на државата Вашингтон Лејн Полозола, обраќајќи му се на судијата Кофенур, на почетокот на сослушувањето во Сиетл.
Полозола, во име на демократските правобранители на државите Вашингтон, Аризона, Илиноис и Орегон, побара од судијата да издаде привремена забрана за спроведување на наредбата, за да се спречи исполнувањето на еден од клучните елементи на политиките на Трамп кон имиграцијата, пренесува „Гардијан“.
На прес-конференција пред судот откако беше издадена забраната за спроведување, Полозола рече дека дека ова е само првиот чекор.
„Но, да се слушне судија од своето судско биро да рече дека во своите 40 години искуство никогаш не видел нешто толку директно противуставно, покажува колку е сериозен проблемот“,
додаде Полозола.
Таа и другите што ја оспорија извршната наредба на Трамп велат дека таа го прекршува правото втемелено во Уставот во врска со државјанството, односно 14-тиот амандман со кој се осигурува дка секој што е роден во САД е државјанин.
Трамп во неговата извршна наредба им нареди на агенциите на САД да одбиваат да им го признаат правото на државјанство на децата родени во САД ако ниту еден од нивните родители не е американски државјанин или нема статус на трајно легално жителство.
Во средата, американското министерство за правда ја нарече наредбата „интегрален дел“ на напорите на претседателот „да им се посвети на скршениот систем за имиграција на земјата и на кризата на јужната граница“.
Со наредбата, сите деца родени по 19 февруари, чии мајки и татковци не се ниту државјани ниту постојани жители на САД, може да бидат депортирани и не може да добијат матични броеви и други поволности од владата. Ако се дозволи таа да остане во сила, на повеќе од 150 илјади деца годишно ќе им биде одбиено правото на државјанство, тврдат државите водени од демократи.