Соединетите Американски Држави изразиле несогласување со употребата на терминот „агресор“ во однос на Русија во најновата официјална изјава на групата Г7, издадена по повод три години од почетокот на војната во Украина, пренесува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на пет западни претставници запознаени со ситуацијата.
Според овој медиум, САД се спротиставуваат на тоа Русија да биде означена како „агресор“ во текстот на изјавата, што би можело да ја загрози традиционалната кохезија меѓу членките на Г7.
Во меѓувреме, уште не е постигнат договор околу учеството на украинскиот претседател Володимир Зеленски на виртуелниот самит на Г7 закажан за понеделник.
Несогласувањето од страна на САД доаѓа во контекст на ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој отворено ја обвини Украина за војната, го нарече Зеленски „диктатор без избори“ и предложи Русија повторно да биде дел од Г7.
Според информациите на „Фајненшл тајмс“, американските функционери се спротивставиле на употребата на термините како „руска агресија“ или слични изрази, кои лидерите на Г7 редовно ги употребуваат од 2022 година за да го карактеризираат конфликтот во Украина.
– Од клучна важност е да се направи јасна разлика помеѓу Русија и Украина. Тие не треба да се сметаат за еднакви страни. Американската позиција го блокира овој јазик, но разговорите се уште во тек со надеж за заеднички договор – вели еден од добро информираните извори.
Минатогодишната изјава на Г7 ја спомнуваше „руската агресија“ дури пет пати.
„Ги повикуваме руските власти веднаш да ставaт крај на нападите и безусловно да ги повлечат своите вооружени сили од територијата на Украина, согласно меѓународните граници“, стоеше во соопштението од 2024 година.
Настојувањето на администрацијата на Доналд Трамп да внесе помека реторика кога станува збор за Русија, ја одразува новата насока на американската политика, каде конфликтот сè почесто се опишува како „вонредна ситуација во Украина“.
Во последните официјални соопштенија на Стејт департментот, вклучително и по средбата меѓу државниот секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Ријад, често се користи изразот „конфликт во Украина“, избегнувајќи поостри квалификации.
Дополнително, беше откриено дека за првпат по почетокот на војната, САД не биле коавтор на новата нацрт-резолуција на Генералното собрание на ОН во врска со Украина. Документот бил подготвен од Обединетото Кралство, Франција, Германија, Канада, Швајцарија, Полска и балтичките земји, но без американско учество.
Ова се случува во време на интензивни дипломатски контакти меѓу Москва и Вашингтон, како и по серијата остри изјави од Доналд Трамп, кој го нарече Зеленски „диктатор без избори“ и го обвини за продлабочување на воениот судир во Украина.




