АЛИУ Е ИЗБРАН ЗА НОВ МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО

Азир Алиу е нов министер за здравство, а Албрим Хоџа нов заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, откако на денешната 54. седница ги избраа пратениците во Собранието со 65 гласа „за“, 15 „против“ и ниту еден воздржан.

На 12 мај, лидерот на Алијанса на Албанците Арбен Таравари соопшти дека партијата оди во опозиција, а со тоа и престана неговата функција како министер за здравство. По заминувањето на Алијансата за Албанците на Таравари од Коалицијата „Вреди“, сопартијците на Таравари, како што се Арбен Фетаи и Азир Алиу, останаа дел од Коалицијата „Вреди“.

Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој и редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024, во владата на СДСМ и ДУИ.

Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити на 27 мај, на новинарско прашање дали Алиу ќе биде добар министер за здравство, со оглед на тоа дека е доктор на информатички науки, рече:
„Министерот треба да биде добар менаџер кој што го познава системот, кој може да придонесе за подобро управување во тој ресор. Имало примери и во минатото и сега. Мислам дека Азир Алиу е добар и најдобар предлог за таа позиција“.

Во биографијата на Хоџа е наведено тека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.

Повеќе тука