Алиу: Дигитализацијата и отпорноста на здравствениот систем се наши главни приоритети.

Скопје денес е домаќин на 49. пленарна седница на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, настан кој обединува претставници од сите земји во регионот со цел да се унапредат здравствените политики и да се засили регионалната соработка.

На отворањето на седницата, министерот за здравство, Азир Алиу, нагласи дека Здравствената мрежа веќе четврт век успешно ги сврзува земјите во регионот околу заедничкиот приоритет – подобрување на здравјето и благосостојбата на граѓаните. „Здравствената мрежа прерасна во влијателна меѓувладина организација, која денес обединува девет земји членки и служи како важна платформа за размена на искуства, градење капацитети и унапредување на здравствените политики“, рече Алиу.

Тој истакна дека годинашната пленарна седница е фокусирана на теми поврзани со дигиталните здравствени иновации, зајакнувањето на лидерските вештини и улогата на медицинските сестри, како и подготвеноста на здравствените системи за справување со кризни и вонредни ситуации.

Министерот потенцираше дека државата останува посветена на дигитализацијата на здравствениот сектор, развојот на професионализмот во сестринството и зајакнувањето на капацитетите за одговор на здравствени закани и итни случаи.

Во својот говор, Алиу најави и регионална конференција на министрите за здравство од Југоисточна Европа, која ќе се одржи во септември под покровителство на Светската банка, со цел продлабочување на соработката и размена на добри практики. Учесниците на пленарната седница ќе дискутираат за заедничките предизвици и можности за развој на поотпорни, поефикасни и поинклузивни здравствени системи во регионот.