Алијанса: Се докажа дека одложувањето беше за да спласне интересот кај Албанците, под итно да се продолжи пописот за уште 10 дена

Итна седница на Собранието со цел продолжување на пописот за 10 дополнителни денови, побараа денеска од Алијанса за Албанците.

Велат дека на два дена до крајот, на нивна адреса пристигнале многу жалби од граѓани во чиј дом сѐ уште не пристигнал ниту еден попишувач.

„Ова е скандал, бидејќи законот обврзува да се посети секое домаќинство и да се попише секој граѓанин“, велат АА.

Според нив, се работи за мрачно сценарио какво што предупредиле дека ќе се случи, а заслугата е, како што велат, на „постојаниот вазал во владата на Северна Македонија – ДУИ“.

„Пред 11 години го прекинаа пописот и не дадоа ниту едно објаснување за јавноста. Сега го одложија пописот со цел за да манипулираат со процесот и тоа можеби на секого му оди во корист, но, само на Албанците не.

Јасно е дека ние бевме единствените што се спротивставивме на одложувањето на овој процес и сега произлегува дека сме имале потполно право. Пописот се одложи, просто, за да спласне еуфоријата и мотивацијата на Албанците да се попишат. Дали некој е запознаен дека диајаспората од моментот на одложувањето комплетно го има игнорирано овој процес и не продолжи да се попишува. Значи, се докажува тоа што ние го велевме, дека ова е една политичка одлука преземена како одговор на масовното излегување на Албанците да се попишат“, тврдат од Алијанса за Албанците.

Неважни се, велат тие, видеата со кои се рекламираат лидерите на политичките партии како се попишуваат, кога во овој процес останаа непопишани обични граѓани. Според нив, Заводот за статистика треба да работи 24 часа на ден, без прекин, ако тоа е потребно, со цел да не остане ниту еден граѓанин непопишан. Во реалноста, тврдат повикувајќи се на информации од самите попишувачи, дека ситуацијата е обратна и на попишувачите не им се дозволува да попишуваат по 5-6 домаќинства на ден со образложение дека не работи серверот.

„Собранието под итно да повика седница и да предвиди 10 додатни денови за пописот, што и беше предлог од парламентарната група на Алијанса и Алтернатива од јануари кога и се доведе законот за пописот.

Ги повикуваме граѓаните да ја искористат секоја можност за да се попишат, исто така и пријавувајќи се во центрите што ги одредил заводот за статистика, иако беше должност да се посети секое домаќинство за да се изврши пописот на населението.

Прочитајте и:  Зибери: Во многу институции при вработувањето сѐ уште има дискриминација по етничка основа

Останати се уште само два дена до завршувањето на процесот на пописот и за жал уште продолжуваат проблемите на терен. На јавноста ѝ текнува на нашите примедби кои што ги изнесувавме пред донесувањето на законот, дека Заводот за статистика нема капацитет за да менаџира со еден релевантен процес. Имавме доволно аргументи. Ви текнува дека од страна на мнозинската поддршка се обија сите наши амандмани што беа поврзани со овој закон“, се вели во соопштението.

Понатаму, од Алијанса велат дека според информациите што ги добивале од терен, често попишувачите чекале и по 2-3 часа пред куќите за да се рестартува системот и за да можат да ги попишат семејствата или домаќинствата. Тие тврдат и дека попишувачите добивале наредби да ги затворат компјутерите и да не пробуваат да попишуваат, со образложение дека се работат на решавањето на проблемот со поправка на системот.

„Некои особи кои што се разбираат со функционирањето на системот, кажуваат дека системот нема капацитет да попише повеќе од 700-900 домаќинства во исто време, а ние знаеме дека ангажирани беа 5.000 попишувачи“, се наведува, исто така, во соопштението.

Во однос на повикот домаќинствата што не биле попишани да отидат сами во општинските канцеларии за да се попишат, за Алијанса за Албанците е смешно и несериозно, но и показател дека процесот е комплетно неуспешен.

„Но, што ќе се случи со тие домаќинства што немаа можност да ја добијат оваа информација!?

Значи, ве предупредуваме сите дека овој процес не се одвиваше и не се одвива за да се гарантира реализација на примарната цел на процесот на попишување. Имаше и продолжува да има многу пропусти. Ви текнува како не беше прифатен нашиот предлог со амандманот за да се има уште 10 додатни денови за да може во вакви проблематични ситуации да се одложи пописот со цел да се исполни законската одредба за попишување на целото население?

Но, категорично беше одбиен и сега, кога е евидентен фактот дека многу семејства ќе останат непопишани, се поставува прашањето – Кој ќе биде одговорен за нивното непопишување? Кој ќе ја сноси одговорноста за овој неуспех? Бидејќи тие имаат законска одговорност ако не се попишат.
Не е доволно медиумско шоу на лидерите на ДУИ и останатите во власта“, реагираат од албанската опозиција.

- Реклама -