Албанија добива поддршка од ЕУ за напредокот кон членство

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изрази оптимизам за патот на Албанија кон Европската Унија, истакнувајќи дека процесот е стабилен и легитимен, и увери дека Албанија ја има целосната поддршка од Брисел. На прес-конференција во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама, Кос потенцираше дека Албанија треба да се включи во европското семејство, бидејќи тоа го зајакнува континентот, пренесува ABC News Albania.

„Албанија постигнува напредок на својот европски пат, а актуелните геополитички услови покажуваат дека се’ е можно. Вашата патека е сигурна и оправдана. Среќна сум што сум тука, да се сретнам со вас и вашиот тим и да сведочам за вашата посветеност кон вашата земја и Европската Унија“, изјави Кос. Таа дојде да ја изрази својата поддршка за владините цели кои, иако амбициозни, се реални.

„Вашето определување да ги завршите преговорите до 2027 година е на вистинскиот пат, со оглед дека веќе неколку поглавја се отворени, а други се очекува да бидат отворени наскоро. Свесни сме дека не е доволно само нивно отворање, туку е неопходно и нивно затворање, и верувам дека со сите реформи што ги спроведувате, ова ќе биде возможно,“ додаде Кос.

Таа посочи дека Унијата целосно го поддржува процесот на правосудни реформи во Албанија и објави дека ЕУ ќе обезбеди една милијарда евра за реформите. „Очекувам дека парламентот ќе ги ратификува двата договора, овозможувајќи и на ЕУ да ѝ додели милијарди евра на Албанија за реформи и подготовка за членство. Ова е дел од Планот за раст и вклучува регионална и младинска соработка, каде што веќе постигнавте значајни успеси,“ истакна таа.

Истовремено, таа ја пофали Албанија за нејзината улога како „шампион во регионалната соработка“ и за целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Комесарката Кос најави и почеток на комуникациска кампања за зголемување на свеста и вреднувањето на Албанија во европските земји-членки.

„Не сме само обожаватели на Европа, туку сме посветени и на стварните цели. Резултатите ќе бидат постигнати, но е важно албанските граѓани да го поддржат овој процес. Според мене, интеграцијата во ЕУ треба да биде проект на целото албанско општество. Не само владата, туку сите градови и села мора да учествуваат, за граѓаните да разберат зошто Албанија треба да стане членка на Европската Унија“, рече Кос.

Таа исто така посочи дека нејзина задача и обврска е да обезбеди поголема препознатливост на Албанија во европските земји. „Концепираме комуникациска кампања за да објасниме зошто Албанија заслужува да стане дел од ЕУ и што ново носи во Унијата. Наскоро ќе извршиме истражување за проширувањето на ЕУ и врз основа на резултатите, ќе ја прилагодиме кампањата“, додаде таа.