Синоќа, на голем собир во Гостивар, претседателот на ДУИ – Али Ахмети, остро ја осудил одлуката на Уставниот суд за „еднострано свикување на јавна дебата за преиспитување на Охридскиот мировен договор“, нарекувајќи го овој чекор апсурден и неприфатлив, информираат од ДУИ.
Охридскиот мировен договор е историски документ, кој стави крај на една војна и ги постави темелите за праведно и еднакво општество. Тој е мировен договор кој не може да биде доведен во прашање или повторно преговаран од никого, а особено не од орган што нема ниту надлежност ниту легитимитет за тоа, истакнал Ахмети алудирајќи на Уставниот суд.
Законот за јазици, кој е дел од Охридскиот договор, ги гарантира еднаквите права за сите граѓани и претставува извонредно достигнување за мултиетничкиот соживот во Северна Македонија. Одлуката за отворање дебата за него е еднаква на обид за укинување на мировниот договор и создавање непредвидливост за иднината. Охридскиот договор е неприкосновен и дека секој обид за негово нарушување ќе наиде на силен отпор од Албанците и од ДУИ, порачал лидерот на „интегративците“.
Како што информираат од партијата, Ахмети ги повикува сите политички субјекти, граѓанското општество и граѓаните да се мобилизираат за заштита на, како што велат, ова историско достигнување, и да не дозволат придобивките од мирот и стабилноста да бидат загрозени.
„Охридскиот мировен договор не е и нема да биде предмет на повторно преговарање“, потенцираат од ДУИ, додавајќи дека остануваат посветени на заштитата на достигнувањата на Албанците и на изградбата на стабилна и праведна иднина за сите граѓани на земјата.