Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, испрати повик до граѓаните за активно учество на митингот што ќе се одржи утре, 13 декември, во 13 часот на плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Овој собир е во знак на поддршка на поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово. Во својот апел, Ахмети истакна дека ОВК е важен дел од националниот идентитет и дека целта на настанот е да се бара правда и да се отфрлат „измислените обвинувања“ од Србија и Русија.
„Утре, на 13 декември, во 13:00 часот, на плоштадот ‘Скендербег’ во Скопје, ќе се обединиме за јасна цел: барањето за правда и отфрлањето на невистините обвинувања. Излегуваме со одговорност, за да ја почитуваме жртвата и да ја заштитиме вистината за нашата историја. Ве повикувам сите да бидеме заедно утре“, изјави Ахмети.
Организаторите најавуваат мирен собир со јасна порака за поддршка на обвинетите поранешни команданти на ОВК.




