Од тамошното министерство сметаат дека некоректниот и непрагматичен пристап на Скопје нема да доведе до резултати
Изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски дека Бугарија го одбила предлогот за средба во Скопје за изградба на Коридорот 8 е лага и манипулација. Ова е денешната реакција од бугарското Министерство за транспорт и врски за вчерашната изјава на вицепремиерот Николоски, во која ја повика бугарската страна да се охрабри и да се одржи третата средба, планирана за неделава, но веќе одложена, а на која треба да се разговара за изградба на третата фаза од пругата кон источниот сосед.
„Во врска со уште една изјава на вицепремиерот и министер за транспорт на РСМ, Николоски за Коридорот 8, Министерството за транспорт и врски на Република Бугарија со жалење, но без изненадување, констатира уште една политичка интрига и злоупотреба на конструктивниот пристап на Бугарија“,
се вели во соопштението од бугарското Министерство за транспорт.
Оттаму велат дека изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт на РСМ дека Бугарија го одбила предлогот за средба во Скопје е лага и манипулација, како и дека поканата за оваа средба е добиена по дадената изјава на Николоски.
„Бугарија не ја одби средбата, туку ќе даде одговор откако заедно со Европската комисија и европските финансиски институции ќе ги добие коментарите од Скопје за документот од техничкиот состанок во Софија одржан на 31 октомври 2024 година“,
се наведува во реакцијата.
Од тамошното Министерство сметаат дека некоректниот и непрагматичен пристап на Скопје нема да доведе до резултати.
„Изградбата на лот 3 е единствена одговорност на РСМ. Бугарија јасно ги посочи роковите и обврските за изградба на трасата на нејзината територија“
пишуваат од бугарското Министерство.
Се посочува дека Бугарија заедно со своите партнери ќе остане фокусирана на реализација на овој стратегиски коридор.
Николоски вчера во одговор на пратеничко прашање во Собранието рече дека бугарската страна побарала да се одложи предвидената средба за оваа за следната недела.
Ја повика бугарската страна да се охрабри и да се одржи третата средба за изградба на третата фаза од пругата кон Бугарија.
„Еден состанок имаше во Брисел, еден во Софија. неделава требаше да биде во Скопје, но сега замолуваат тоа да случи следната. Нека соберат храброст и нека дојдат да ја затвориме оваа тема и еднаш засекогаш да се затвори. Нашите аргументи се јасни, мора да се направи ревизија на цената бидејќи е невозможно 560 милиони да чини изградбата на пругата. Мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат со границата“,
рече тој.
Николоски досега неколкупати рече дека во однос на третата секција за изградба на железничкиот Коридор 8 очекува со Бугарија да се најде заеднички јазик, со цел да немаме пруга што завршува во тунел што не води никаде.