Мицкоски: Не знам кој е тој што ќе даде гаранции дека нема да има натамошни блокади, ние повеќе од ова ниту можеме, ниту ќе правиме

Нема што повеќе од ова да правиме. Ние како Влада повеќе од ова не можеме да направиме, ниту ќе направиме. Тоа е тоа. Тоа е нашата црвена линија. Ако некој таму во Брисел одлучил да биде заложник на политичари од средниот век, коишто доаѓаат од некои од земјите членки на самата ЕУ, ако некој одлучил да биде заложник на билатерализацијата, во ред, го разбираме, тоа е тоа. Нека не остават да си ја решиме домашната задача, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски кој одговараше на новинарско прашање за последните пораки кои доаѓаат од Брисел за Преговарачката рамка. Тој забележа дека „не знае кој е тој, којшто ќе даде гаранции дека ќе нема блокади со билатерални договори во Преговарачката рамка“.

– Не знам кој е тој и како ќе ги даде. Единствената гаранција која што ние ја дадовме и е претставена пред нашите стратешки партнери и тоа е максимум што може да направиме. Тоа е максимумот што можеме во овој момент да го направиме, бидејќи и како народ и како држава направивме, како што никој заедно не направил, вели Мицкоски.

Премиерот подвлече дека нашата земја  има целосно усогласена политика со ЕУ, и како што рече, „не сме опасност, целосно ќе ги следиме, тие нека водат ние ќе ги следиме, ако тие мислат дека ние не заслужуваме по принципот на дела, а не по принципот на билатерализација и прашања од средниот век, да бидеме дел од европското семејство, тоа е нивно право“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Од црвените линии не мрдаме ни милиметар, ако ЕУ сака да е заложник на Бугарија нека не остават да си ги решиме домашните проблеми

Тој додаде дека Владата е спремна да разговара со секого  кога било и каде било.

-Ако тие не се спремни сега, ќе чекаме кога ќе бидат спремни. Во меѓувреме нека не остават да си ги решаваме домашните задачи да правиме вакви проекти, да покачуваме пензии, да покачуваме плати, да носиме странски инвеститори, да работиме на реформи, да ја носиме правдата. Тоа е нашата домашна задача, да работиме чесно и посветено за граѓаните. Ако се тие одлучени да следат политичари од средниот век коишто доаѓаат од земји членки на ЕУ нека ги следат. Ние ќе ги следиме барањата на граѓаните, изјави Мицкоски.

Тој најави дека во вторник на 3 декември во Брисел ќе има билатерална средба со новиот претседател на Европскиот совет.

- Реклама -