Приватните превозници добија предлог за 100 денари по изминат километар, се чека вонредна седница на Советот на Град Скопје

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ бараат да биде свикана вонредна седница на Советот на Град Скопје и да се разгледува овој предлог за зголемување на цената на изминат километар кој би важел од 1 декември до мај 2025 година

ФОТО: МИА

Зголемување на цената по изминат километар од 70 на 100 денари во период од први декември до мај идната година е предлогот што го дале од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната средба со приватните превозници, а кој е во насока на решавање на проблемот со јавниот превоз.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Мартин Стојановски, по завршување на средбата, побара што е можно побрзо да се свика вонредна седница на Град Скопје, на која овој предлог ќе се стави како точка на дневен ред.

Најавениот предлог, како што рекоа по средбата, нема да доведе до зголемување на цената на билетот што го плаќаат граѓаните. 

Претставниците на приватните превозници иако се задоволни од предлогот и се откажуваат од најавената блокада, сепак во текот на утрешниот ден нема да возат. 

„Дадовме предлог дека ние ќе иницираме вонредна седница со единствена точка да ги прифатиме условите на приватните превозници за покачување на цената за километар, заклучно со мај 2025 година. Како што бевме информирани од приватните превозници, цената е 69 до 70 денари за изминат километар. Нашиот предлог е со измена со одлука на Совет, цената да биде 100 денари од километар заклучно со мај, додека им трае првиот дел од договорот“,

рече Стојановски.

Тој додаде дека приватните превозници го прифатиле предлогот и напомена оти се надева дека утре или задутре ќе се одржи вонредната седница и заедно со останатите советници ќе го изгласаат предлогот.

Стојановски изрази надеж дека и градоначалничката Данела Арсовска ќе ја стави како точка на дневен ред оваа иницијатива и ќе го прифати предлогот, за најдоцна до понеделник веќе да има приватни превозници на улиците.

Тој најави дека ќе побараат измени во буџетот за декември за да се обезбедат средства и да им се исплати долгот на приватните превозници, за кој Стојановски рече дека не е исплатен од мај и јуни годинава.

„Ќе побараме да има измена во буџетот за декември, затоа што преостанува уште еден месец до крајот на годината, додека за месеците од јануари до мај ќе има нов буџет што ќе се гласа во декември. Треба да има предвидени средства и тие да бидат наменски за покачување на цената по километар за приватните превозници, за да може да се искористат за исплата, за граѓаните веќе да не чекаат по станиците на минусните температури“,

додаде Стојановски.

Претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски по средбата посочи дека е одличен предлогот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Цело време повикуваме на состаноци, да не повика кој било, за да можеме да си го кажеме конкретно нашиот проблем. Ниска ни е цената за изминат километар, немаме верификувани извештаи, имаме долг, бараме само решение на нашите проблеми, сакаме да бидеме сервис на граѓаните во Градот Скопје. Предлогот е одличен, го прифаќаме. Иако е времена мерка, веруваме дека во понатамошните преговори и со градот и со советниците, ќе се изгласа некое трајно решение“,

рече Зафировски.

Тој додаде дека утре најверојатно нема да возат, но се надева оти од понеделник повторно ќе бидат на скопските улици.

„Треба да направиме координација со нашите превозници, знаете дека финансиски ние сме исцрпени. Треба да видиме дали ќе ни се исплатат средствата, да видиме што ќе каже градот во однос на ова и откако ќе ја направиме консултацијата, ќе донесеме одлука од кога ќе почнеме да возиме. Се надевам дека од понеделик наместо блокади, ние ќе бидеме на скопските улици и ќе бидеме на сервис на градот Скопје“,

додаде Зафировски.

Денеска, независната советничка Ирена Витина информираше дека се собрани 17 потписи за свикување на вонредна седница на Советот на Град Скопје.

Барање за свикување на вонредна седница на Советот на Град Скопје денеска доставија и советниците од СДСМ кои велат дека поради префрлање на одговорноста за тоа кој е виновен и кој треба да го реши проблемот, граѓаните се соочуваат со недостиг на јавен превоз.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, во врска со барањето на приватните превозници за зголемување на таксата по километар, кое не беше разгледано на вчерашната седница денеска рече дека градоначалничката Данела Арсовска треба да сноси одговорност затоа што врши диверзија во една витална дејност како што е јавниот градски превоз.

На приватните превозници им порача да не наседнуваат на манипулациите на Арсовска оти таа е непредвидлива жена.

Приватните превозници од понеделникот се вклучија во јавниот градски превоз, но не со целиот капацитет, туку само оние превозници кои имаат финансиски можности. Тие минатата недела апелираа до градоначалничката на Град Скопје, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар. 

- Реклама -