Единаесет лица загинаа во израелски воздушен напад врз центарот на Бејрут

Нападите биле насочени кон центарот на Бејрут односно квартот Баста. Тоа е четврти израелски напад врз центарот на Бејрут за една недела

Либанското Министерство за здравство соопшти дека во денешниот израелски воздушен напад врз Бејрут загинале најмалку 11 луѓе, а 63 се повредени.

Во соопштението од Министерството се наведува дека конечниот биланс на жртви ќе биде утврден по ДНК анализите на посмртните останки пронајдени под урнатините.

Претходно, либанските власти известија за четворица загинати и 23 повредени.

Во нападот уништена е осумкатна зграда, за која се претпоставува дека ја користело либанското шиитско движење Хезболах.

Нападите биле насочени кон центарот на Бејрут односно квартот Баста. Тоа е четврти израелски напад врз центарот на Бејрут за една недела.

Во меѓувреме, либанското милитантно движење Хезболах истрела пет ракети врз регионот Метула, северен Израел. Како што соопшти израелската армија во нападот нема повредени луѓе.

Либанското милитантно движење Хезболах од почетокот на војната во Појасот Газа лансира ракети врз Израел, како поддршка на палестинската група Хамас. Израелската војска одговори со масовна кампања на воздушни напади и копнена инвазија во Либан.

Од октомври минатата година во судирите помеѓу Израел и Хезболах загинаа 3 558 луѓе и 82 војници во Либан и 47 цивили во Израел.

- Реклама -