(ВИДЕО) Кузеска: ВМРО-ДПМНЕ ги одби амандманите на СДСМ за покачување на платите

„Гледаме антисоцијални политики на Мицкоски и ДПМНЕ, враќање на моделот во кој работниците ќе бидат само евтина работна сила. Сѐ што е предлог за покачување на плати власта го одбива. СДСМ поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата на 450 евра, но ВМРО-ДПМНЕ и тоа го одби“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска

Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ / фото: СДСМ

Без аргументи и без какво било чувство за проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните соочени со големи поскапувања и раст на трошоците за живот, ВМРО-ДПМНЕ ги одби амандманите на СДСМ за покачување на платите, реагираа од опозицискиот СДСМ.

Портпаролката Богданка Кузеска рече дека се одбиени амандманите за поголема плата за работниците, амандманот за покачување на платите на полицајците за 20%, на пожарникарите, на платите во образованието.

„Гледаме антисоцијални политики на Мицкоски и ДПМНЕ, враќање на моделот во кој работниците ќе бидат само евтина работна сила. Сѐ што е предлог за покачување на плати власта го одбива. СДСМ поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата на 450 евра, но ВМРО-ДПМНЕ и тоа го одби. Според податоците од Државниот завод за статистика, животниот стандард на граѓаните се влошува, сиромаштијата расте. Четиричлено семејство има потреба од 62 021 денари месечно за основни трошоци. Синдикалната кошничка е зголемена за 722 денари само за еден месец. Сето ова се индикатори дека народот има сѐ помалку пари во џебовите“,

рече Кузеска.

Таа додаде дека работниците, наставниците, пожарникарите, полицајците заслужуваат почит, достоинство и фер плати и обвини дека, наместо поддршка за нив и нивните семејни буџети, владата на ВМРО-ДПМНЕ ги остава на маргините.

„Додека ДПМНЕ одбива амандмани за поголеми плати, во исто време ги зголемува парите во буџетот за мебел и луксузни возила за функционерите. Власта граба пари за себе, средствата ги пренамени за луксузирања на функционерите и министрите. Народот нека страда. За нови возила ќе се потрошат 7,5 милиони евра, за нов мебел 1,5 милиони евра, за договорни услуги 80 милиони евра. Апсурдно. Купување луксузни автомобили, мебел и зголемување на договорни услуги за функционерите, додека илјадници семејства се прашуваат како ќе го преживеат месецот“, 

вели таа.

Кузеска рече дека предлог-буџетот за следната година е буџет за власта, а не за народот и дека во него нема инвестиции, нема развој, нема поддршка за граѓаните.

„СДСМ ќе продолжи да се бори за достоинствен живот за сите граѓани. Ќе продолжиме да поднесуваме предлози и амандмани кои обезбедуваат повисоки плати, подобри услови за работа и поддршка за најранливите категории. Нашите политики се јасни: минимална плата од 450 евра сега, повисоки плати за полицајците и пожарникарите и фокус на социјалната поддршка и развојот на економијата. ДПМНЕ и Мицкоски арогантно ги игнорираат овие потреби на граѓаните денес, но народот нема да ги заборави нивните одлуки утре“,

смета Кузеска.

- Реклама -