Мицкоски во Белград се сретна со Вучиќ: Мора да создаваме мостови за економска и политичка соработка со сите соседи

Премиерот Христијан Мицкоски е во дводневна посета на Србија по повод Меѓународниот саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Белград се сретнал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кого разговарале за економска и политичка соработка меѓу двете земји.

„Имав средба со Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Двете држави немаат отворени прашања, а односите се базираат на меѓусебно почитување и пријателство. Мора да создаваме мостови за економска и политичка соработка со сите соседи и да градиме иднина за нашите граѓани“,

напиша Мицкоски на Фејсбук.

За средбата информираше и српскиот претседател на својот инстаграм-профил. Како што соопшти Вучиќ, со Мицкоски разговарале за изградбата на железничката пруга Будимпешта-Белград-Скопје-Атина-Пиреја. како и за соработката меѓу двете земји преку иницијативата Отворен Балкан.

„Со премиерот на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски разговаравме за економски и инфраструктурни проекти, со посебен акцент на изградбата на железничката пруга Будимпешта-Белград-Скопје-Атина-Пиреја, која би ги поврзала јужна и централна Европа, како и за подобрување на трговската размена и соработка во областа на енергетиката. Се согласивме дека солидарноста и меѓусебната поддршка се клучни за стабилноста и развојот на целиот регион. Особено сум благодарен за фактот што Северна Македонија е еден од клучните партнери во иницијативата Отворен Балкан, која стана симбол на силна регионална соработка и поврзување на Западен Балкан. Нашата заедничка цел е подобра иднина за сите граѓани, а соработката преку иницијативата Отворен Балкан и други проекти останува цврста основа врз која ја градиме иднината на целиот регион. Убеден сум дека и во иднина ќе продолжиме да ги развиваме односите во духот на пријателството и партнерството“,

напиша Вучиќ.

Премиерот Христијан Мицкоски е во дводневна посета на Србија по повод Меѓународниот саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“. 

Во составот на македонска делегација се Љупчо Димовски вицепремиер за политички систем, Иван Стоилковиќ вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Игор Јанушев генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Љутков министер за култура и туризам, Цветан Трипуновски министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Горан Минчев министер за јавна администрација и Максим Димитриевски градоначалник на Општина Куманово.

- Реклама -