Ќе се испитува храната и кујната во „Ѓорѓија Пулевски“ каде ученици добија симптоми на труење, едно дете побарало помош на Детска клиника   

Детето, како што вели директорот на Клиниката Реџеп Мемеди, било лесно дехидрирано и ќе се третира амбулантски

Од АХВ велат дека од училишната кујна биле земени мостри од салата од краставица, супа, мусака со мелено месо и компири и бомбици што ќе бидат лабораториски испитани заедно со петте бриса од работни површини и од опрема, како и испироци од раце од вработените лица во кујната

Деветгодишно дете, кое посетувало настава во Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопски Аеродром, со стомачни тегоби побарало помош на Детската клиника.

Детето, како што вели директорот на Клиниката Реџеп Мемеди, било лесно дехидрирано и ќе се третира амбулантски.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), пак, попладнево информираа дека е наредено затворање на кујната во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ се до добивање на резултатите од лабораториските тестирања со што ќе се потврди безбедноста. Од АХВ додаваат дека од оваа кујна не се носеле оброци во други училишта.

„Изречени се мерки за темелно чистење на кујната, дезинсекција, дезинфекција и дератизација и спроведување на вонредни здравствени прегледи на вработените лица во кујната“,

се вели во пишаниот одговор од АХВ, пренесува МИА.

Веднаш откако добиле сомнеж за труење со храна на осум деца во училиштето, додаваат од АХВ, инспекциски служби на Агенцијата, во соработка со тимови од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Институтот за јавно здравје – Скопје, спровеле вонреден инспекциски надзор во кујната во училиштето. 

„Земени се четири контролни оброци од храната која на учениците им била послужена минатиот ден, мостри од храна –  салата од краставица, супа, мусака со мелено месо и компири и бомбици што ќе бидат лабораториски испитани. Исто така за лабораториско тестирање земени се и пет бриса од работни површини и од опрема, како и испироци од раце од вработените лица во кујната“,

додаваат од АХВ. 

Директорот на училиштето „Ѓорѓија Пулевски“ Александар Филипчев рече дека околу 140 ученици од пониските одделенија што посетувале целодневна настава и се хранеле во училишната кујна, денеска не се во училиште, а наставниците пријавиле дека сите тие се со стомачни тегоби, дијареа и повраќање.

Како што рече директорот кујната во училиштето веднаш била затворена и немало топол оброк за учениците. Бидејќи децата не може да останат долго време без топол оброк, Филипчев рече дека учениците од целодневна настава биле испратени дома.

Тој додаде дека случајот бил пријавен до сите надлежни институции и дека е извршен вонреден инспекциски надзор. 

- Реклама -