Брза пруга на Коридорот 10 е приоритет за Македонија да се поврзе со земјите од Централна Европа, вели Николоски

„Го фаќаме последниот чекор Македонија да се приклучи кон напредните технолошки достигнувања во железницата во регионот и затоа овој проект е приоритетен, не само за нас туку за сите земји вдолж Коридор 10“, вели Николоски

Изградба на брза пруга на Коридор 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта, односно поврзување на Македонија преку брза пруга со пристаништата во Грција и со земјите од Централна Европа било во фокусот на разговорите на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски со министерот за градежништво и инвестиции на Унгарија, Јанош Лазар.

Според Николоски, ова е проект што ќе донесе големи придобивки за сите земји од регионот, ќе го зајакне економскиот развој и соработка меѓу земјите и ќе овозможи сигурен и брз транспорт на патници и производи.

„Го фаќаме последниот чекор Македонија да се приклучи кон напредните технолошки достигнувања во железницата во регионот и затоа овој проект е приоритетен, не само за нас туку за сите земји вдолж Коридор 10“,

рекол Николоски.

Николоски, како што информираат од Министерството, ја потенцирал важноста на поддршката на земјите од Европската Унија за реализација на еден ваков проект бидејќи според него брзата пруга е услов за економски развој и подобра комуникација за сите земји од регионот.

Во однос на заемот што македонската Влада ќе го земе од Унгарската експорт-импорт банка, Николоски го информирал својот колега дека средствата веќе се насочени кон општините за реализација на инфраструктурни проекти.

„Билатералните односи со Унгарија ни се на одлично ниво. Унгарија како дел од Европската Унија е стратешки партнер на Македонија и голем поддржувач во реализација на стратешките цели на земјата и во делот на политичките и во делот на економските развојни политики”,

рекол Николоски по средбата.

На средбата, додаваат од Министерството, Николоски и Лазар размениле и искуства и практики што се применуваат во двете земји во различни сегменти на транспортот, градежништвото и инвестициите.  

Двајцата министри се согласиле и дека е потребно интензивирање на соработката и унапредување на политиките кои се однесуваат на регионалното поврзување.

Средбата на двајцата министри е дел од работната посета на Македонија од страна на делегацијата на Владата на Унгарија која ја предводи премиерот Виктор Орбан.

- Реклама -