Аргентина прв финалист на Копа Америка


Фудбалерите на Аргентина се првите финалисти на овогодинешното издание на Копа Америка, бранителот на титулата го победи дебитантот во ова континентално натпреварување Канада со 2:0 (1:0) во полуфиналето одиграно во Источен Радерфорд.

Јулијан Алварез во 22 минута ја доведе Аргентина во водство на средината на првиот дел, а капитенот Лионел Меси во 51 минута на почетокот на вториот дел зголеми на 2:0, станувајќи само втор фудбалер кој бил стрелец на дури шест последоватлни Копа Америка.

За Меси ова беше прв гол на овогодинешниот Копа, а вкупно 14-ти во кариерата на првенствата на Јужна Америка.

На отворањето на ова натпреварување на 20 јуни во Атланта се сретнаа и Аргентина и Канада, и уште тогаш беше 2:0 за „Гаучосите“.

Аргентина, која е и актуелен светски шампион од Катар 2022 година, в недела ќе има можност да ја освои третата последователна титула победник на големите натпреварувања на кои учествува, а противникот во финалето кое ќе се игра во Мајами, ќе биде подобрата селекција од соочувањето меѓу Колумбија и Уругвај во среда навечер во Шарлот.

- Реклама -