Левица предложи Резолуција против задолжителна вакцинација за било кој сегмент од населението

Пратениците на Левица – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, до претседателот на парламентот денеска поднеле „Предлог-резолуција за правните и моралните аспекти на Ковид-вакцинацијата“, заснована на неколку правни акти донесени во Советот на Европа, информираа од партијата.

Резолуцијата, како што појаснија, се состои од шест точки и констатира дека „постојат низа проблеми на терен во врска со вакциналната имунизација на населението, предизвикана од несоодветната стратегија за комуникација со јавноста на надлежното Министерство за здравство, како и од противречните и контрапродуктивни мерки кои, од ден на ден, стануваат сè порестриктивни, порепресивни, непропорционални и дискриминирачки за македонските граѓани“.

Во Резолуцијата, меѓу другото, се укажува дека:

• вакцинацијата против новиот коронавирус SARS-CoV-2 не е и не смее да биде задолжителна за било кој сегмент од населението;
• граѓаните мора да бидат информирани дека никој не смее да им врши политички, правен, социјален, економски или друг вид притисок да се вакцинираат, доколку некој не сака да го стори тоа на доброволна основа и по слободна волја;
• користењето т.н. зелени (ковид) пасоши, односно „сертификати за вакцинација“ ќе се користат само за нивната првично назначена цел од страна на Светската здравствена оргнизација, т.е. за обезбедување надзор над долгорочните ефекти на вакцините и нивната безбедност по здравјето на луѓето, за следење на ефикасноста на вакцината врз имунолошкиот систем на пациентите, како и за мониторирање на потенцијалните нус-појави и несакани ефекти од вакцината.

Прочитајте и:  Левица поднесе интерпелација против Илире Даути за блокадата на законот за бранители

Целосниот документ на следниов ЛИНК.

Како што велат од партијата, очекуваат законодавниот дом да ја донесе оваа Резолуција пред почетокот на изборната кампања за претстојните Локални избори.

- Реклама -