Тричковски: Никогаш не сме биле народ!

„Никогаш не сме биле народ! Во 1921 година 77,4 проценти од населението во Македонија над десет годишна возраст биле неписмени (Стојмилов/Тошевска). Односно од вкупното население ја имало сто-двеста души, еве, нека се и петсто писмени и со некакво образование, ја немало ниту толку“, пишува новинарот Бранко Тричковски на Фејсбук. „Интересот на тие неписмени луѓе“, додава тој, „комплетно бил посветен на овцата, жената/мажот и на вниманието да не се стопат во ист народ со Бугарите. Затоа што чувствувале дека по сто години ќе се јават типови кои ќе можат да ги обвинат за пpeдавство на нaциoналните интереси на неписмениот народ. Најголемиот број од нив сметале дека таа историска мисија можат да ја исполнат ако воопшто не се регистрираат како народ. Односно ако останат да си бидат ништо. Така и било“, напиша Тричковски.

Во својот претходен пост, пак, новинарот ја критикуваше изјавата на претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за „360 степени“, каде изјави дека ако цената е да не се нарекуваме Македонци и јазикот да не го нарекуваме македонски, тогаш ЕУ не ни е потребна. Поради ваквата изјава, тој го спореди Пендаровски со претходниот претседател Ѓорге Иванов.

„Надвор од ЕУ нема Македонија“, напиша Тричковски.

„Ако цената е да не бидеме Македонци и јазикот што го зборуваме да не биде македонски јазик, тогаш не ни треба ЕУ, истакнал претседателот Стево Пендаровски, коментирајќи ја изјавата на Бугарија приложена кон заклучоците од Советот за општи работи на ЕУ. Чекај, малку, бе, каква е оваа изјава? Хорхе го рекол ова или Пендаровски? А ако цената да бидеме Македонци е скапичка, ако да речеме условот е да бидеме кретени, треба ли речеме ни треба да бидеме Македонци! Или будали!

Што го натерало претседателот да формулира една ваква ригидна изјава од која не би се посрамотиле ниту најголемите популисти!? Изјавата на Бугарија?! Реакциите на таа изјава!? Кај нас и во Европа. Денко Малески!?

Не, не, контекстот на сите расправи е совршено поинаков, тој ја нема жестокоста на дилемата како што ја поставува Пендаровски. Особено не по фантастичните резултати остварени со решавањето на проблемот со името и во поглед на идентитетските и во поглед на интегративните прашања, кои се, се разбира, тесно поврзани.

Неговата констатација претпоставува дека надвор од ЕУ ние ќе си останеме Македонци и ќе си зборуваме македонски јазик, ќе си уживаме во идентитетот, но, тоа е неодговорно оптимистичко становиште.

Јас тврдам дека ние не можеме да останеме Македонци и да зборуваме македонски надвор од Европската унија. Моја препорака е Пендаровски да и се посвети на својата функција и да придонесе, како знае и умее, спорот со Бугарија да се реши и Македонија да оди напред. А не да се додворува на дневните хистерии на македонскиот народ односно на тоа што така го викаме. Џа или бу дилемата во неговиот резон се сведува на бу. Не ни треба ЕУ не е промакедонски став ниту во една варијанта. Туку е бу. Македонија како бу. Звук што се слуша кога фрлениот камен ќе се спои со површината на историската река. Неговиот мандат не е тоа“, напиша Тричковски.

 

- Реклама -