„До овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција“, информираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку Фејсбук, како што тоа го направи и лидерот на СДСМ Зоран Заев, откако на вонредна прес-конференција министерот Венко Филипче соопшти дека двајцата биле во контакт со новинар кому му е потврдено присуство на коронавирусот.
„Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место.
Продолжувам од мојот дом да ја следам актуелната состојба. Да им даваме поддршка на оние кои се во првата линија против пандемијата. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите оние кои пројавија интерес за моето здравје.
И понатаму активно ќе се бориме против пандемијата која донесе тешка здравствена, санитарна и економска криза. Сигурен сум дека на крајот заеднички ќе победиме затоа што секој живот вреди и затоа што ја сакаме Македонија. Бидете живи и здрави“, напиша Мицкоски.