Министерката за финансии, Нина Ангеловска денеска во медија центарот на Владата одржа прес-конференција. Таа денеска порача дека Буџетот е во добра кондиција и оти финансиите се стабилни. Апелираше до политичките субјекти да се однесуваат одговорно и интересите на граѓаните да бидат пред политичкото поентирање и медиумското внимание.
-„Буџетот е во добра кондиција, финансиите се стабилни. Минатата година имавме добра динамика на наплата со реализација на проекцијата за вкупни приходи од 97%, на ДДВ од 100%, додека на придонесите од 101,2%. Очекуваме и ќе настојуваме и годинава да имаме добра реализација на приходната страна.Работиме и на подобрување на наплатата на приходната страна – едниот начин е преку борбата против сивата економија. Тука можам да кажам дека во Министерството за финансии во напредна фаза е изработката на акцискиот план, кој преку низа мерки, кои се однесуваат на фискализацијата и спречувањето на даночната евазија, ќе ја адресира сивата економија. Втор начин е имплементација на технологијата во процесите, која ќе донесе поголема ефикасност и ефективност.“-изјави Ангеловска.
Таа посочи дека ќе продолжи редовната исплата на пензиите кои ќе бидат и зголемени.
-„Декемвриските пензии се исплатени навремено, а веќе од следниот месец пензионерите ќе добијат повисока пензија за 700 денари со исплатата на јануарската пензија. Во буџетот се обезбедени средства за покачувањето и обврската ќе се сервисира уредно и навремено. Ќе посочам дека со редовното усогласување на пензиите, пензиите ќе се усогласат за уште 160 до 200 денари што значи дека во 2020 година, пензиите ќе пораснат за околу 900 денари. Со ова покачување во 2020 година, просечната пензија ќе изнесува околу 15.500 денари, или за три години просечната пензија ќе се зголеми за вкупно 1.746 денари.“-истакна министерката.
Ангеловска исто така нагласи декаќе бидат исплатени и повисоки плати во образованието и здравството. Старите долгови редовно ќе се исплаќаат, а аукциите на државните хартии од вредност се одвиваат согласно однапред утврдениот календар. Јавниот долг е стабилен и изнесува 47, 7 проценти
-„Следниот месец ќе се исплатат и повисоки плати за 10% на околу 20.000 вработени во основното образование, 8.000 во средното, 4.500 во високото образование и 220 вработени во научните институции. Вкупното покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува 20,6%, имајќи ги предвид претходните две покачувања.Во март, пак, ќе се исплатат повисоки плати во здравството и тоа: платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25%, додека пак на медицинските сестри за 10%. Кумулативно, со претходните зголемувања, основната плата на лекарот специјалист ќе биде повисока за 40%, а на медицинските сестри помеѓу 20 и 23%.“ изјави Ангеловска.
Таа ги повикува сите политички фактори во земјата особено опозицијата која веќе има свој ангажман во рамки на Министерството за финансии преку дополнителната заменичка министерка, да се однесуваат одговорно пред се пред граѓаните и пред јавните пари. Кон нив и кон граѓаните имаме обврска сите и затоа повикувам на одговорна и посветена работа за интересите на државата.