Вархеји по посетата на Македонија: Продолжете со реформи и нов закон за ЈО до избори

Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Оливер Вархеји вчера престојуваше во прва работна посета на Македонија по стапување на функцијата во Брисел. Тој имаше средби со претседателот на државата, Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со техничкиот премиер, Оливер Спасовски со министерот за надворшени работи, Никола Димитров, тој упати порака дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ ќе продолжи, а Европската Комисија уште посилно ќе работи на тој план.

На средбата со министерот за надворешни работи Димитров еврокомесарот Вархеји ја нагласи потребата за продолжување на досегашната работа во делот на имплементација на реформите, при што посебен акцент стави на новиот закон за Јавно обвинителство. Изрази надеж дека тој ќе биде донесен од актуелниот состав на Парламентот и тоа, како што рече, ќе биде добар знак за земјите-членки на Унијата.

-„Мора да ги забрзаме процесите и да вметнеме динамика во нив, но истовремено да ги направиме посигурни и поверодостојни за сите нас и за регионот и за земјите членки“, порача Вархеји и додаде дека проширувањето за новата ЕК останува приоритет.

За новата методологија за пристап, рече дека мора да биде сигурна и попредвидлива, малку пополитичка и објективна, но и со поголема динамика.

-„Сакаме да предложиме со отворање на пристапни преговори уште пролетва, но тоа треба да дојде заедно со економскиот план за регионот. На Самитот во Загреб се надевам дека ќе ја добиеме поддршката на земјите членки за интензивирање на нашето присуство и затворање на економскиот јаз меѓу вас и нас, изјави Вархеји.

Еврокомесарот очекува успешни избори, по кои ЕУ ќе добие сигурен партнер во Владата, посочувајќи дека е клучно и спроведувањето на Преспанскиот договор и билатералниот договор со Бугарија, без разлика на тоа која ќе биде следната влада. Додаде дека сакал својата прва посета да ја посвети на нашата земја, бидејќи, како што рече, направила многу за членство и го испорачала историскиот Преспански договор.

Повеќе на НОВА ТВ

- Реклама -