Играњето на „преспанската карта“ за внатрешна или надворешна употреба, предизвикува реакции во Атина. Во Грција големо внимание предизвикува изјавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски која што тој ја даде во интервјуто за српска „Политика“- пишува Дојче Веле.
Грчка или македонска салата – во што може да биде претворен Договорот од Преспа по француското „не“ уште пред да започне изборниот период во Северна Македонија, но и во вербалните пресметки меѓу власта и опозицијата во Грција.
За „Политика„, Мицкоски изјави дека Преспанскиот договор овозможил грчката страна да стекне права, додека за Скопје е неповолен, и потсетува дека „ВМРО-ДПМНЕ не учествувала во процесот на преговори и срамниот чин на уставни измени преку уцена на пратеници и непринципиелни компромиси со правото и законите.
„Судбината на Преспанскиот договор ќе зависи од резултатите на изборите. Доколку имаме двотретинско мнозинство во парламентот и мнозинство кај пратениците од другите етнички заедници, се отвора можност за враќање на чекор наназад, во спротивно не чекаат многу реформи и работа. Македонија мора да се врати на брза лента до моментот на полноправно членство во ЕУ и одвнатре мора да ги коригираме грешките. Не постои договор кој може да ми забрани да бидам Македонец кој говори македонски јазик и кој е од Македонија. Нашиот концепт е: ‘не’ за антиквизација и ‘не’ за севернизација, туку за големо ‘да’ за враќање на македонизмот во Македонија“, изјави Мицкоски.
Повеќе на Дојче Веле.