Кабранов: Од Боки 13 добивав само 50.000 денари уредно исплатен хонорар и кошула и марама за роденден

Доскорешниот главен уредник на 1ТВ, која (беш)е во неформална сопственост на првоосомничениот во случајот „Рекет“ – Бојан Јовановски алијас Боки 13, ги адресираше информациите објавени од „Канал 5“, притоа откривајќи и дел од „валканиот веш“ од времето кога работел во таа телевизија.

Како што објави „Канал 5“ пред два дена, од релевантен, точен и веродостоен извор добиле информација дека најмалку двајца од „елитните новинарски пера“ на 1ТВ, во своите авторски договори, покрај паричниот надоместок, добиле и рекламно време; нешто што е крајно невообичаен начин на приход, истакнува „Канал 5“ (Повеќе ТУКА).

Кабранов, меѓутоа, демантира дека добивал нешто друго освен уредно исплатен хонорар. Во постот на Фејсбук, Кабранов пишува:

„Свесен сум дека 1 ТВ и пред тоа беше, но со аферата и посилно ќе биде вреќа за боксирање и офирање на, како што нѐ викате, ѕвезди, бардови и слично. Јас како главен уредник од првиот ден имав хонорар од 50 илјади денари, не евра да не се збуните, и целиот износ го примав не на рака туку преку авторска агенција со платен персоналец.

Последните два месеца менаџментот самоиницијативно ми го покачи хонорарот на 70 илјади. Потоа сам го прекинав ангажманот од здравствени причини. Сѐ ова околу сумите има во авторска агенција, а имам и јас дома, можам да ви ги дадам на увид. Рекламни минути ни во оваа, како во ниедна телевизија каде сум бил сум немал, така што сѐ што сум добивал од 1ТВ е документирано во авторска.

Да ви помогнам докрај во истражувањето – да, од Бојан за роденден добив кошула и марама и тоа е сѐ. Никогаш, ни во а1 ниту во Канал5 ни во Алфа па ни во 1 тв не сум се интересирал кој колку зема бидејќи тоа е договор на новинарот со газдата во кое, според мене, нема место главниот уредник да се меша или да се распрашува. Така беше и во 1ТВ, Кој колкав хонорар договорил нити ме интересирало нити сум помислил да се распрашувам. Впрочем, во Канал 5 бев 5 години главен уредник пред 15 тина години и тогаш таму платата ми беше 60 илјади, а ја добивав како сите на рака во плико, не на сметка. Можете тоа да го проверите во евиденцијата на вашата телевизија. Кога ги средував документите за пензија видов дека во Канал 5 сум бил пријавен на минималец, каков апсурд главен уредник со 10 тина илјади денари плата. Но тоа е моја вина што не сум проверил, а зошто УЈП не реагирале не знам. Околу закупените минути реклама реков дека никогаш сум немал такво нешто но и не гледам криминал во тоа. Впрочем, и на Канал 5 имаше надворешни емисии, авторите закупуваа минути а газдата добиваше безплатна емисија и чинам минути и за телевизијата да пласира реклами во таа емисија. Ве охрабрувам да истражите сѐ, но да не се заобиколите себеси и сестринските медиуми де. Бидете поздравени и пишувајте и истражувајте“, напиша Кабранов до јавноста и пред сѐ „Канал 5“.

Инаку, од завчера 1ТВ веќе не емитува програма. Поради големите долгови и неможноста да се покријат дури и режимските трошоци, вработените во медиумот не успејаа во обидот да ја одржат телевизијата во живот. Доколку 1ТВ не продолжи да емитува програма во следните 30 дена од прекинот, ќе се соочи и со одземање на дозволата.

 

- Реклама -