„Дами и господа, јас сум целосно убеден дека во следните 18 месеци ќе дознаеме дали можеме да ги одржиме климатските промени на одржливо ниво и да ја вратиме во рамнотежа природата која толку очajно ни е потребна за нашиот опстанок”.
Со овие зборови британскиот принц Чарлс се обратил кон британските министри за надворешни работи на состанокот во палатата Кларенс Хаус во Лондон, свртувајќи ја темата на разговорот кон кон последиците од климатските промени.
70-годишниот принц од Велс повикал на усогласување на нужните амбиции со делувањето во пракса. За неопходноста од итни мерки, тој како аргумент ги посочил извештаите на ООН за заштита на животната средина, пренесува британски Telegraph.
„Важно е да се изгради модел на поддршка. Ќе се одржуваат важни средби кои ќе ја обликуваат глобалната агенда за следната деценија”, истакнал тој.
Чарлс на овие теми разговарал и за време на државната посета на Велика Британија во јуни од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во повеќе наврати покажува дека не е баш уверен во постоењето на човечкиот удел во климатските промени, а некогаш ни во самото нивно постоење. Принцот Чарлс, од друга страна, со години ги критикува скептиците кои не веруваат во драматичната промена на климата.
Лидерите на Британските кралства ќе се состанат следната година во Руанда на еднонеделен самит на кој ќе разговараат за „неспоредливите предизвици предизвикани од брзите климатски промени и загубата на биодиверзитетот”.
Чарлс повикува Велика Британија да го поведе светот кон разумно решение.
„Верувам дека британската заедница, со големото богатство од ресурси и идеи кои ги поседува, може да понуди многу решенија за проблемите со кои се соочуваме ширум целата планета“, рекол Чарлс.
Во четвртокот, неговиот син – принцот Хари, ги презеде своите должности на функцијата Амбасадор на британската младина. Министрите ги презентираа главните проблеми со кои се соочуваат младите луѓе во различните кралства.
„Морате да се осигурате дека гласовите на младите луѓе ќе бидат слушнати и нивните интереси ќе бидат заштитени, и тоа на највисоко ниво”, им порачал Хари.
Принцот Чарлс има долгогодишна репутација на човек што се грижи за природата. Лани во ноември, во интервју за BBC по повод неговиот 70-ти роденден, неговите синови Хари и Вилијам раскажуваа како често кога ги враќал со кола од школо, знаел да застане и да го собира ѓубрето што ќе го забележел.
„Одевме со стапови и го собиравме ѓубрето во пластични кеси. Со брат ми отсекогаш мислевме: Па добро, ова е сосема нормално, сигурно ова сите го прават“, раскажуваше тогаш принцот Вилијам.