Србинка од Зрењанин решила да го смали станот за да избегне да плаќа за парно иако не го користи.
Проблемите со греењето во Зрењанин почнале да се натрупуваат кога Топланата решила да прејде од пресметување на потрошувачката на енергија по метар квадратен станбена површина – на плаќање според потрошувачката на енергија.
Новиот начин на наплата предизвикал негативни реакции, па дури и протест кај граѓаните, поради новите високи сметки кои им пристигнале за парното греење. Некои протестирале, а некои се исклучиле од мрежата. Кога појавата добила загрижувачки размери, општина Зрењанин вовела прописи според кои граѓанин може да се исклучи од мрежата, но му останува трајна обврска да го плаќа таканаречениот фиксен дел кој го плаќаат и потрошувачите, и тоа без оглед на потрошувачката. Истото важи и за граѓаните кои целосно се исклучиле од мрежата.
Весна Недељковиќ исто така се исклучила од мрежата, откако претходно ја добила потребната согласност од станарите. Истото го направиле и уште неколку сопственици на станови во зградата, но бидејќи Недељковиќ задоцнила неколку месеци, таа мора трајно да го плаќа греењето кое го нема. Таа ги покажува сите пресечени цевки и големата печка на која се грее веќе неколку години, меѓутоа, постои една вертикална цевка од два и пол метра во ходникот, која преку зима е делумно топла. Весна барала и таа цевка да биде отстранета, со оглед дека е беспотребна и нема функција, но надлежните не сакаат ништо да направат по тоа прашање.
Бидејќи Недељковиќ смета дека токму таа цевка е причината што плаќа сметки, а никој не сака да ја отстрани, таа решила целата цевка да ја заѕида, иако со тоа ќе го намали станот за еден метар квадратен.
Весна, инаку, пред десет години останала технолошки вишок, а приходи остварува како сезонски работник на црногорското приморје. Пред одлуката да ја заѕида цевката, се жалела на разни адреси, но правда не нашла. Досега има платено повеќе од 80.000 динари (повеќе од 41.5 илјади денари), а дел од нив преку извршител.