Дождливото време не беше пречка за вчера илјадници граѓани да се соберат на главниот плоштад во Амстердам за да побараат поефикасна климатска политика во Холандија.
Според организаторите, на протестниот марш учествувале околу 30.000 луѓе. Како еден од повпечатливите транспаренти, „Асошиејтед прес“ го наведува оној на кој пишувало кратко, но јасно „Направете нешто“.
Една од главните причини за маршот е информацијата што Институтот за еколошки истражувања ја објави во јануари – дека Холандија не прави доволно за да ја намали емисијата на стакленичките гасови. Според холандската Агенција за процена на животната околина, недостижна е поставената цел до 2020 година Холандија да ја намали емисијата на штетните гасови за 25%, во споредба со 1990 година.