Три места празни, четврта Шведска, па дури потоа сите останати

Шведска го задржа највисокото место на листата на земји оценувани по мерките за сузбивање на климатските промени, вели најновиот извештај на New Climate Institute, Climate Action Network и германската организација Germanwatch.

Истовремено, според Индексот на справување со климатските промени (Climate Change Performance Index, ака. CCPI), Шведска е и „прва“, и четврта. Тоа е можно затоа што првите три места се празни, а причините за тоа се тоа што ниту една земја нема доволно добри резултати во клучните разгледувани категории.

Земјите од Западен Балкан не се опфатени со индексот, а од регионот најдобро пласирани се Хрватска (14. место), Романија (20. место), Грција (30. место), Бугарија (40. место), Унгарија (42. место) и Словенија (43. место).

Веднаш зад Шведска се наоѓа Мароко, кој високата позиција ја заработи благодарение на зголемувањето на уделот на обновливата енергија во својата потрошувачка.

Европската Унија се искачи од 21. на 16. место, но Германија, како нејзина најголема економија, падна од 22. на 27. место. Причината е сé поголемото потпирање на лигнит, кој претставува значителен извор на гасови со ефект на стаклена градина.

САД паднаа од 56. на 59. место, со што се продолжува трендот по повлекувањето на земјата од Парискиот климатски договор. Скептичноста (благо речено) на претседателот Доналд Трамп околу тоа дека човечките активности се причина за климатските промени, како и отстранувањето на прописите насочени кон намалување на штетните емисии, резултираат со низок резултат на САД на листата.

Од опфатените земји, Саудиска Арабија се наоѓа на последното 60. место. Дното на листата го „освои“ со емисијата на штетни гасови, начинот на употребата на енергијата, процентот на обновлива енергија, но и со климатските политики, особено со негативната улога во меѓународните преговори за климата и климатските промени.

 

- Реклама -