Квентин Тарантино е еден од највлијателните режисери на современото кино, познат по својата уникатна комбинација на динамична нарација, впечатливи ликови и специфичен дијалог што стана негов заштитен знак.

Од раните 1990-ти,неговата работа го редефинира жанровскиот филм,инспирирајќи се од различни извори – од самурајските филмови и криминалните приказни од Хонг Конг до италијанските вестерни. Според него, само неколку режисери успеале да земат стар жанр и да создадат сосема нов свет од него.

Тарантино го гледа филмот како жив организам – нешто што мора постојано да се обновува за да остане релевантно. За разлика од многу негови колеги, неговото филмско знаење не доаѓа од академски институции, туку од кино салите и видео продавниците каде што работел како тинејџер. Токму таму, со часови гледајќи разни филмови, го развил својот стил што го направи еден од највлијателните режисери на своето време.

Особено е впечатлива неговата фасцинација со европските вестерни и делата на италијанските режисери како Серџо Корбучи, Дучио Тесари и Франко Жиралди. Сепак, еден филм имал пресудно влијание врз одлуката на Тарантино да стане режисер.

„Филмот што ме натера да размислувам за режијата,кој ми отвори нова перспектива за тоа како еден автор може да ја обликува приказната преку камерата,беше ‘Беше еднаш на Дивиот Запад’ (once Upon a Time in the West)“,откри Тарантино.

Оваа епска вестерн сага на Серџо Леоне за него беше како филмско училиште – ремек-дело што му покажа како режисерот остава свој личен белег на филмот.

„Бев апсолутно фасциниран и мислев: ‘Така се прави филм’“, вели Тарантино. Овој филм го обликувал неговиот визуелен стил и начинот на кој размислува за киното, оставајќи длабоко влијание врз неговата работа.

Во поновите вести, Тарантино неодамна потврди дека работи на својот последен филм, титулиран како „Кино критичар“ (The Movie Critic), кој се очекува да биде неговото финално режисерско остварување. Филмот ќе биде сместен во 70-тите години и ќе го следи животот на еден филмски критичар. Ова ќе биде неговото десетто и последно филмско дело, со што ќе ја заврши својата исклучителна кариера на големото платно.