Симовски за „балансерот“ за етничка застапеност: Единствена валидна категорија е резидентно население, нагаѓање за непопишаните е апсолутно забрането

СПОДЕЛЕТЕ

Единствена валидна категорија е резидентно население и тоа е согласно сите стандарди на ОН кои важат за сите земји во светот и ги прифати и Евростат, вели директорот на Државниот завод за статистика – Апостол Симовски, на прашање од МИА за тоа кои податоци треба да се користат од Министерството за информатичко општество и администрација при усогласување на податоците за алатката „Балансер“.

„Ние како земја категоријата нерезидентно население одлучивме да ја попишуваме затоа што имаме проблем со емиграцијата и тие податоци да се искористат за да се креираат политики да се намали емиграцијата и евентуално да се вратат луѓе, ама не може тие да бидат дел од никаква друга категорија население“, изјави Симовски.

На прашање од МИА дали од МИОА ги контактирале во врска со податоците од Пописот, Симовски рече дека биле контактирани минатата недела и дека тие им дале одговор.

„МИОА нѐ контактираа телефонски минатата недела и ние им кажавме дека единствена категорија што треба да ја гледаат е резидентно население“, појасни Симовски.

За тоа дали биле прашани како да се користат податоците за граѓаните кои беа попишани преку регистрите, Симовски рече дека и за тоа им дале јасен одговор.

„Прашаа и добија одговор. Не може да ги распоредите. Не знаеме и тука нема нагаѓање. Тие седум проценти се неизјаснети и ќе си останат во групата на останати“, нагласи Симовски.

Симовски, исто така, појасни дека граѓаните и по Устав имаат право да не одговорат за етничката припадност.

„И на крајот, Вие по Устав имате право да не се изјасните. Никој со сила не може да Ве натера да се изјасните. Ние ги импутиравме податоците за кои има во регистрите документирана информација, ама никако не смееме да помислиме, а камоли да направиме импутирање на податоци за чувство. Тоа си е лично и е апсолутно забрането“, изјави Симовски.

Извор: МИА

- Реклама -