СДСМ: Мицкоски е наследник на Ванчо Михајлов, препораките на Комисијата ги демантираа сите лаги на ВМРО-ДМНЕ за наводно бришење и менување на историјата

Со усвоените Препораки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, паднаа во вода сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, порача денеска пратеникот и портпарол на СДСМ – Дарко Каевски, откако беа презентирани и МНР ги објави усвоените препораки на заедничката историска комисија со Бугарија.

„Денеска стана јасно дека во тие препораки нема ништо спорно, нема ништо затскриено, нема никакво бришење или менување на историјата, нема историја по бугарски терк како што лажеа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, тврдат од СДСМ.

„Усвоените препораки за одредени учебници во основното образование се на база на реципроцитет и истите ќе бидат доставени и до македонската но и до бугарската влада.

Ова се препораки усвоени од стручна и независна комисија без какви било политички влијанија.

Заедничкото чествување на историските личности како светите браќа Кирил и Методиј, Наум и Климент Охридски како и Цар Самоил дополнително ќе ја зајакне одговорноста на двете држави во зачувувањето на сеќавањето на овие личности“, истакна Каевски.

Сето ова, според него, ги демантира, како што рече, „грубите лаги на ВМРО-ДПМНЕ кои се месеци ги вознемируваа граѓаните и се обидуваа да создадат нови поделби“.

Уште еднаш се виде дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сакаат да го нарушат процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија. Тоа е антидржавнничко, неодговорно, несериозно постапување на дело, обвини Каевски.

Тој дури го обвини лидерот на најголемата опозициска партија дека е наследник на Ванчо Михајлов.

„Христијан Мицкоски е наследник на Иван Ванчо Михајлов, затоа што и тој и раководството на ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат на континуитетот, а во тој континуитет се и Ванчо Михајлов и Тодор Александров“, рече портпаролот на СДСМ.

За разлика од таквиот однос на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, додаде Каевски, Владата предводена од СДСМ продолжува да бара решенија за отворените прашања, при тоа заштитувајќи ги македонскиот идентитет, македонската историја и самобитност.

„Продолжуваме со грижа за државни и националните интереси, продолжуваме со реализација на стратешките цели на нашата држава“, додаде тој на прес-конференцијата.

- Реклама -