Сара Георгиевска со порака до родителите: „Почни од почеток“, биди промената што сакаш да ја видиш во своето дете

Интервју со Сара Георгиевска – лиценциран социјален работник со повеќе од 10 годишно искуство во работата со индивидуалци и групи и автор на онлајн платформата Grow2Guide, чија цел е едукација, менторство и поддршка за млади и семејства, но и на професионалниот кадар, за креирање на безбедна, здрава, и грижлива средина за младите во развој и подобрување на истата, но и будење на свеста на обичниот човек за индивидуални промени со цел кон општо добро за сите, преку постијано учење и едукација. Георгиевска е и автор на книгата „Почни од Почеток“, наменета за родителите, особено на деца тинејџери, за да им помогне да бидат промената што сакаат да ја видат во своето дете.

Која е Сара и што прави Сара професионално/приватно?

Јас мислам за себе како некој што има многу улоги секојдневно и сите улоги се комплетираат една со друга. Приватно сум мајка, сопруга, ќерка, и внука, опкружена со мала бројка на пријатели со кои што имам одлична врска. Имам две кучиња, два папагала и аквариум со три риби и три полжави да го чистат аквариумот. Уживам да правам активности за моето дете и да поминуваме време заедно. Професионално сум социјален работник и координатор во Семејниот суд во Лас Вегас за малолетници кои прв пат се сретнуваат со деликвенција. Имам клиенти со кои што работам приватно и го имам Grow2Guide што ми е второ дете.

Што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш?

Баш размислував за ова пред некое време кога ја пишував книгата Почни од почеток, затоа што откако паметам за себе сакав да бидам социјален работник. Таа желба се роди кога имав 12 години и волонтирав во Црвениот Крст. Сите околу мене беа на факултетот за социјална работа и политика и тоа, поврзано со работата што ја имавме, ми ја креираше визијата за социјалната работа. Јас не можам да се замислам како нешто друго освен ова, единствено што се менува се целите во оваа кариера што сакам следно да направам како социјален работник. Идеално поклопување беше тоа што дојдов во Америка да сум социјален работник затоа што тука професијата има друга димензија и многу повеќе опции за разлика од Македонија.

Кој е мотивот што те води низ животот?

Имам различни мотиви. Како и секој човек што е растен во средина со автократски родители каде што очекувањата секогаш се високи, креирано е во мене на автопилот да сум во постојан натпревар сама со себе. Истовремено сум водена од мојот примарен страв што го имам уште од некаде 20тите години, да станам или да сум неуспешен родител – што до некаде е примарен мотив за тоа што го правам. Не сакам да сум најдобрата верзија од себе затоа што тоа би значело дека има крај тоа патување. Сакам да секој ден се обидувам и давам максисмум во се што правам и максимално да го искористам својот капацитет и потенцијал. И најважно, мислам дека е тоа што искрено верувам дека сите што имаат познавање на некоја тема, треба да го споделат тоа за другите да бидат информирани иако не се во иста професија, категорија и слично. Верувам и сакам да продолжам да споделувам тоа што го знам со тие околу мене или барем да создадат можност и опција да кога ќе решат да дознаат повеќе за темата – да знаат каде да почнат.

Од каде се роди идејата и мотивот за оваа книга ?

Во 2015 си направив bucket list, и имав цел да напишам книга. Во тоа време не знаев точно што сакам да напишам затоа што уште работев на откривање на својата пасија во смисла што вреди да биде книга. Кога се роди Алекс, коцките си се наредија. Се открив самата себе во нова улога, со различни предизвици и до некаде применував и сеуште применувам со Алекс работи што сум ги учела низ годините и ги предавав на групите што ги држев со деца и родители. И видов дека функционираат и дека родителството може да биде уживање, а не секојдневна борба. Мене специјалност ми се тинејџерите и со тоа што бев успешна со младата категорија користејќи ги пристапите и модели на работа ми беше фасцинантно. Ми покажа дека навистина има ко-релација меѓу однесувањата на тинејџерите и тодлерите, само на друго ниво. И така почнав да ја пишувам книгата. Прво воочив што е нешто што доста родители имаат како предизвик со нивните деца без разлика на возраста. Второ, се фокусирав на што недостасува кај родителите за да бидат поуспешни во оваа улога и трето, што ги води и на што се навраќаат родителите во тешки моменти. Кога си ги одговорив овие прашања, целта ми стана јасна. Дека треба да се фокусирам на (1) едукација, но едукација во смисла тоа што ние учиме како стручен кадар за да се справуваме со однесувања кои се предизвик кај децата и како да совладаме внатрешни предизвикувачи и реакции кои се емотивни а не логични, (2) да вметнам техники што ќе им дадат вештини и техники на родителите подобро да ја совладаат ситуацијата и (3) да направам корелација на генерациски родителски стилови и откривање кој е родителот надвор од тој чадор и сенка од претходните генерации. Сето ова е тешко да се направи како родител, и го кажувам ова од искуство, особено кога се обидуваш да се бориш со примарниот инстинктивен одговор на твоето дете. На пример, детето има потешкотии со следење едноставни инструкции како нешто да се заврши и како да го сретне очекувањето. Примарен одговор на тоа би било нешто вака “јас на твои години правев ….“, или “како може да не го разбереш ова?“, или “ај добро тргни се јас ќе завршам, научен/а сум си“, или “како Јанко, Петко, Станко може, а ти не можеш“, или “а да излегуваш, играш игри или било што друго можеш“. Овие се неколку примери на примарен и инстиктивен одговор на незадоволството на родителот. И овој начин е полесен. Но не е функционален нити пак ги учи децата на нешто. Потешката варијанта би вклучувало малку само-анализа „зашто се лутам заради ова“, “дали очекувам премногу“, “дали моето дете воошто знае како или потребна е помош или асистенција“, и слично. И разговорот би одел во друга насока “знаеш, јас очекувам ти да го завршиш ова до крајот на денот. Ова треба да се заврши на овој начин, и ако заглавиш, јас сум во кујна, викни ме да ти помогнам. Може да сметам на тебе да го преземеш ова?“. Ова е потешко, затоа што се води родителот од логична гледна точка, го гледа детето како некој што учи наместо да очекува дека детето треба нешто да знае (било истренирано како да биде мини-возрасен), дава јасни инструкции и алтернатива доколку треба помош. И кога разговарав со луѓе за идејава, жал ми беше на одговорите што ги слушав “ти не знаеш со кој си имаш работа, треба да се ојачаат децата, ништо не им фали на родителите, децата се размазени“ и слично. Сето ова ми беше дополнителен мотив да вклучам и објаснување зашто некои работи се случуваат и да ја истакнам контрадикцијата во нашето родителство додека истовремено учат нешто ново.

Што значи насловот?

„Почни од Почеток“ ми имаше смисла затоа што тоа е буквално она што го барам од сите родители вклучувајќи ме и мене преку оваа книга. Барам сите да си дадеме шанса да почнеме од почеток. Почни од почеток не значи бриши сѐ од претходно – туку искористи сѐ од претходно, анализирај што е функционално а што не е и почни од почеток да работиш на истото. Ние сеуште сме родители, но само се обидуваме да направиме нешто поинаку, нешто свое, нешто што не е како што правеле мајка ми и татко ми пред 30 години кога јас сум растела, кои всушност го преземале она што го гледале додека тие растеле пред 50 години. Почни од почеток за мене е мотивација и синоним дека секој ден е шанса да избереме подобро и нешто поинакво. Без разлика од каква средина доаѓаме, важно е да им кажеме на сите родители дека тие имаат моќ да направат нешто поинакво со нивните деца што не чини пари, што не бара многу дополнително време, а е нешто што ќе им помогне на децата на долга стаза.

За кого е оваа книга и кој се може да има бенефит од неа?

Примарно, секако се родителите и не само родителите на тинејџери, туку и родителите на децата што ќе влезат во овие години наскоро, дури и на тие со помали деца затоа што важно е да знаат што следува и како да се подготват. Како што кажав претходно, работите од книгата може да се користат и на помали деца, а не само на тинејџери. И секундарно и би рекла идеално, се сите оние што имаат интеракција или се грижат за децата, дали се тоа баба, дедо, тетка, вујна, и слично за да им дадеме унифициран пристап на грижа на децата и да знаат дека сите тие возрасни кои се вклучени во нивниот систем на поддршка се таму со таа причина – да ги поддржат и сакаат безусловно.

Што содржи книгата и што може читателите да очекуваат од книгата?

Книгата е по мое мислење кратка, но компактна. Има многу информации за родителите како луѓе, за децата, за средината и за секојдневните ситуации. Теми опфатени се генерални информации за очекувањата за раст и развој кај децата, теории кои може да ни помогнат да го зголемиме разбирањето за однесувањето кај децата, родителство и родителски стилови и пристапи, комуникациски техники за родители и техники на деескалирање конфликт, секција за само-грижа како родители, win-win ситуации, зошто-што-како начин на комуникација, фокусираност на заедницата како целина со семејни цели, очекувања, последици, награди и слично, секција за партнерите како родители, и прашалник и сценарија. Како што кажав, многу информации, но се е толку јасно и лесно читливо и разбирливо затоа што јасно ми е дека некогаш може да креира аверзија кога се користат премногу стручни термини. Воедно, важно ми е сите да можат да ја разберат книгата без разлика на нивото на едукација.

Кои перспективи, вредности и традиции ги предизвикуваш со оваа книга?

Новите родители или оние кои имаат млади деца (до кај 7-8 години) се сметаат за модерни родители кои имаат поголема блискост до интернетот и информацијата која е достапна преку интернетот. Самото ова е нова слика за нас како родители. Имаме пристап до многу нови знаења и техники кои може да ги применувам додека не најдеме нешто што нас ќе ни функционира. Коментари кои го побивааат ова звучат вака ‘дете не се расте по книга“, ‘од интернет го растеш детето’, ‘гледам на вас нешто ви фали (ова е отворено за дискусија секој ден, кога сакате затоа што многу сум аргументативна за овој коментар)“, и слично. Генерациско родителство, генерациска траума, генерациско пренесување на морали и вредности кои може не се толку активни денеска е нешто што сегашниот родител има шанса да промени. Време е да почнеме да ги препознаваме нашите искуства, да ги именуваме и да научиме како да се справиме со нив самите ние и да го прекинеме кругот со новите генерации. Важно е да напоменеме дека претходните генерации направиле и прават најдоброто што можат со тоа што го имале. Денеска, ние имаме повеќе од она што имале тие претходно. Ние имаме интернет, имаме бесплатна информација, научни истражувања, книги, литература, искуства, сите техники и алатки што може да ни помогнат на нас денеска. Да би ги имале претходните генерации истите, верувам дека би ги искористиле. Сакам да ги предизвикам сите што ја изгубиле моќта и гласот не како родители, туку како личности додека се претопиле во масата која нормализира се затоа што така е откако памтат, затоа што другите така прават и затоа што така требало. Сакам тие што ќе се приближат до нас да имаат глас и самодоверба да донесат одлука како родители која е поинаква од таа на соседот и најважно, ќе бидат сосема во ред со донесената одлука затоа што веруваат во истата. Во ред е да си поинаков, во ред е да правиш работи поинаку, во ред е да не се претопиш во масата каде што не се разликуваш од тој до тебе. Книгата не ги дискредитира родителите, книгата ги охрабрува родителите за да разберат зашто е нешто така, од каде потекнува и како се развило. И најважно, како се провлекува од една на друга генерација и сега можеби на нивните деца.

Покрај книгата, го имаш и Grow2Guide. Што е тоа?

Grow2Guide е едукативна онлajн платфоома која се залага да го подобри исходот кај децата со тоа што активно работи со родителите, стручните лица вклучени во растот и развојот на децата и самите деца. Имаме алатки како ќе ги мериме целите и тоа дали ја постигнуваме целта. Се што знам, сакам да споделам преку тренинзи, материјали, и сретнувања со тие што можеби мислат дека ќе имаат бенефит од нас. Индивидуалните сесии се креирани да може секој родител успешно да ги заврши и да извлече најмногу што може за своите и потребите на семејството. Се одржуваат онлајн, еден на еден, заштита на податоци и информации е загарантирана и најважно од се, цената е прилагодена за секој да може да си дозволи. Сесиите може да се неделно, на две недели или месечни. Се е транспаретно. Јас апсолутно немам проблем да одговорам на било кои прашања, затоа што сакам да споделам како нешто се случило и зашто е така. Ако некој го интересира тоа, заслужува и има право да знае. Grow2Guide е мојата фирма тука во Невада, и го има истото име. Името значи дека треба прво ти да пораснеш за да можеш да даваш насока на другите и да им помагаш. Тоа мислам дека е валидно не само за родителите, туку и за сите оние кои имаат интеракција со децата. Некогаш сум заглавена во мојата визија дека сакам сите еднакво како мене загрижени за децата, да ги сакаат децата, да имаат разбирање за нив, да не се откажуваат само затоа што е тешко, и слично. Ама знам дека нема да се откажам, затоа што ни треба промена, ни треба нешто да не размрда и ни треба нешто поинакво.

Каде може да се нарача книгата и како да ја добијат читателите?

Книгата може да се нарача на нашата веб страна, цената е 678 денари и вклучува бесплатна достава низ Македонија. Во просек треба 3-5 дена да се достави. Преку нашите социјални мрежи, најчесто инстаграм, секогаш напоменувам дека доколку има некакви прашања, или не се сигурни дека може да им се најде книгата, пишете ми, дозволете ми да ви ги одговорам прашањата за да може да донесете одлука.

Што понатаму? Каков е планот?

Имам план за следните неколку години, но сега за сега, фокусот е да се донесе книгата поблиску до сите што сакаат да ја прочитаат, да се објават тренинзите на нашата веб страна, и да се издадат материјалите за стручните лица.

Сите тренинзи ќе се онлајн и материјалите ќе бидат пратени на емаил. Ме прашаа зашто е се онлајн и се замислив на секунда затоа што се навратив на себе. Јас одам на доста тренинзи што се онлајн, телефонот во џеб, слушалките на мене, и си завршувам друга работа низ домот. И баш помислив – зарем не им треба и на другите луѓе нешто такво? Кој има време денеска да седи во просторија 10 часа и да слуша тренинг? A да, тренинзите се долги и сеопфатни. Двата тренинга, за родители и за стручни лица имаат по 5-7 модули и траат помеѓу 6-10 часа. Целта е да им помогнеме на децата да го отклучат не само, потенцијалот за остварување цели и достигнувања, туку емоционалниот потенцијал преку користење на траума-информиран пристап на работа, когнитивно-бихевиорален пристап, и модел кој се базира на предностите кај луѓето и да им се даде шанса на родителите да имаат повеќе опции кога станува збор за родителството.

- Реклама -