По Амбасадата на САД, и ЕУ ја упати Русковска чаре да бара кај надлежните државни институции

СПОДЕЛЕТЕ
Foto: EPA-EFE/Georgi Licovski

Европската Унија внимателно ги следи сите случувања поврзани со меѓусебните неодамнешни јавни размени на обвинувања меѓу шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми и смета дека тоа прашање треба да го решат надлежните органи, се вели во одговорот до МИА од Делегацијата на ЕУ во Скопје во врска со повикот на јавната обвинителка Русковска упатен до надлежните државни институции и странски амбасади и меѓународни организации.

„Спроведувањето на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер за Фундаменталните вредности, кој прв ќе биде отворен во пристапните преговори со ЕУ“, наведуваат од Делегацијата на Унијата.

Во одговорот се посочува дека постоечките закони на земјата ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат.

„Ова прашање треба да го решат надлежните органи“, се додава во одговорот.

Шефицата на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, ги повика сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сѐ Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, „еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“.

Во одговор на повикот на Русковска, вчера и Амбасадата на САД оцени дека станува збор за тековен процес и е прашање што треба да го решат надлежните органи во државата.

Извор: МИА

- Реклама -