Отворени разговори за менталното здравје на тема: „Стрес – темпирана бомба за телото и духот“

СПОДЕЛЕТЕ

10.05.2022, Скопје – Вечерва, во организација на „Ротари Клуб Скопје Интернационал”, ќе се одржи третиот отворен разговор на тема Стрес – темпирана бомба за телото и духот“, што е дел од серијата отворени настани насловени како „Криза на менталното здравје, знаеме ли што ни се случува? Пандемија во пандемија“. Со ова „Ротари Клуб Скопје Интернационал“ ги продолжува своите активности во насока на подигнување на свеста во јавноста за важноста на менталното здравје и градењето култура која ќе ги поттикне луѓето отворено да зборуваат за овие предизвици и да барат стручна помош.

За последиците по човековото здравје од стресот вечерва ќе зборува Ана Попризова, психолог и гешталт терапевт. Настанот почнува во 20.00 часот, ќе се одржува онлајн  и е отворен за сите заинтересирани на овој линк на платформата Zoom, што исто така е достапен и на профилот на „Ротари Клуб Скопје Интернационал“ на Фејсбук.

Покрај своето излагање, Попризова во рамките на овие разговори ќе отвори и дебата на која ќе може да се поставуваат и прашања. Претходните отворени разговори што ги организираше „Ротари Клуб Скопје Интернационал“ покажаа дека има голем интерес за овие теми, но и потреба од соодветна стручна помош. Токму затоа, „Ротари Клуб Скопје Интернационал“ ги повикува сите заинтересирани да се приклучат на оваа иницијатива и да земат учество. Дополнително, сите заинтересирани можат да дадат свој предлог за идна тема на отворените разговори, преку електронската адреса: rotaryclubskopjeinternational@gmail.com

Првите два отворени разговора се водеа на темите: „Како да препознаете анксиозност? Рефлекторите свртени кон средношколската популација“ и „Панични напади. Дали умот го владее разумот?“.

Менталното здравје е предизвик со кој се соочуваат модерните општества. Најновите истражувања укажуваат на фактот дека повеќе од 450 милиони луѓе во светот страдаат од нарушување на менталното здравје. Уште позагрижувачки е што околу 20 отсто од децата и адолесцентите имаат ваков тип на проблеми, се наведува во извештајот на Светската здравствена организација. Дополнителен ризик-фактор беше пандемијата од Ковид-19, која покрај другите последици, предизвика и зголемување на проблемите со менталното здравје.

Ротаријанците од целиот свет повеќе од 110 години работат на промовирање на позитивните вредности, солидарноста и хармонијата во светот. Ваков тип на активности се спроведуваат во преку 35.000 Ротари клубови ширум светот. Кај нас функционираат 20 клубови на Ротари, кои делуваат во различни области во насока на исполнување на своите цели.

- Реклама -