Лукаревска: Избори нема да има, ваквите барања во овој кризен период се непочитување на државата

Во овој момент не се потребни предвремени парламентарни избори, туку работа и проекти со цел да се надминат предизвиците од енергатската, економската и здравствената криза, изјави заменик-претседателката на СДСМ – Сања Лукаревска, во гостување во „Студио 10“ на ТВ24.

„Сега нема потреба од предвремени избори, има потреба од работа од менаџирање на кризата, реализација на мерки и проекти од програмата на Владата. Барањето за предвремени избори во овој момент е една несериозна иницијатива од страна на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што се наоѓаме во кризен период и еден вид на непочитување на државата ако било кој политички субјект сега бара предвремени избори“, истакна Лукаревска.

Таа го коментираше и барањето на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката влада. Како и Богоев, и Лукаревска оцени дека со таквиот потег опозицијата потврдува дека државата, инистуциите спроведуваат фер, слободни и демократски избори.

„Техничката влада дојде како последица од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ова барање од страна на ВМРО-ДПМНЕ да се укине техничката влада покажува дека и таа партија знае дека државата, институциите, знаат и можат да спроведат фер, слободни и демократски избори и тоа го покажуваат сите релевантни извештаи кои покажаа дека и парламентарните и локалните и претседателските избори беа фер и слободни а ВМРО-ДПМНЕ не ги оспори тие извештаи“, порача Лукаревска, категорично подвлекувајќи дека парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.

- Реклама -