Израелска лекарка ги обвини здравствените власти за преувеличување на стравот од омикрон варијантата

Тел Авив, 16 јануари 2022 (МИА) – Одговорот на Владата на Израел на омикрон варијантата на коронавирусот предизвика контроверзии меѓу здравствените власти, јавува Анадолија.

Во објава на официјалната Фејсбук страница на болницата Ичилов, др. Идит Матот – директорка на Одделот за анестезиологија, интензивна нега и болка, ги обвини израелските здравствени власти за преувеличување на стравувањата од варијантата омикрон.

„Во последниот месец видовме дека омикрон е многу заразен, но предизвикува минимална штета“, рече Матот.

Израелската лекарка истакна дека болницата Ичолов, главниот болнички комплекс што го опслужува Тел Авив, нема ниту еден пациент заразен со варијантата омикрон што е на респиратор или на екстракорпорална мембранска оксигенација (ECMO).

Таа, исто така, рече дека објавувањето на бројот на тешки пациенти со коронавирус во медиумите е „заведувачки“ и повика на ублажување на мерките.

„Луѓето се принудени да бидат затворени во своите домови. Де факто сме во изолација, а земјата е пред колапс. Дали сме луди“, праша Матот.

Критиките на израелската лекарка, сепак, беа отфрлени од Министерството за здравство, велејќи дека одговорот на варијантата омикрон има за цел да ги заштити групите изложени на ризик од инфекција.

„Политиката предложена од проф. Мато може да доведе до сериозна штета за ризичните групи и зголемување на бројот на критично болни пациенти и смртност“, се вели во соопштението на Министерството.

Во Израел, 6.5 милиони луѓе примиле најмалку една доза од вакцината против коронавирус, а 4.2 милиони примиле две дози и дополнителната вакцина.

Од почетокот на пандемијата во Израел, потврдени се околу 1.7 милиони случаи на коронавирус и повеќе од 8.000 смртни случаи.

- Реклама -