Ескобар: Во БиХ нема да има војна, ниту армија на Република Српска

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Сараево, 7 декември 2021 (МИА) – Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска во Сараево изјави дека нема да има војна во Босна и Херцеговина, ниту армија на Република Српска.

„Тоа нема да се случи. Тоа еднаш го кажав и ќе повторам: Нема да има војна во БиХ. Ова не е 1991 година“, изјави Ескобар во интервју за сараевската телевизија Н1, кое подетално ќе се емитува вечерва.

На забелешката дека не се работи за војна, туку за армија на Република Српска, Ескобар рече дека ниту таа постои и никој не е заинтересиран за таква ескалација.

„Прво, не постои армија на Република Српска. Второ, имаме мировен мандат од Советот за безбедност на ОН. Никој не го интересира таква ескалација. Ниту Србија, ниту Хрватска, ниту Русија, никого. Она што треба да се направи, ако ги погледнеме вооружените сили, е како да се создадат способни вооружени сили кои ќе ги задоволат потребите на сите“, рече Ескобар.

Тој додаде дека „треба да се обезбеди функционирање на државата, со сите разлики меѓу сите нивоа на власт“.

- Реклама -