Георгиевски: Одлуката за „замрзнување“ на цените на прехранбени производи може да ја продлабочи кризата

Скопје, 7 декември 2021 (МИА) – Парцијалните решенија кои се носат без соодветна анализа и не се во корелација со други мерки, како што е Одлука за определување на највисоки цени на основни прехранбени производи во трговијата на големо и трговијата на мало, уште повеќе ќе ја нарушат тешката состојба во која се наоѓаат претпријатијата и ќе предизвика дополнителни проблеми за граѓаните меѓу кои и ограничување на пристапот до основните животни намирници, истакнаа денеска на прес-конференција од Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Здравствено-економската криза која трае веќе две години, како што велат, предизвика сериозно засегање на стопанството, а претпријатијата ги доведе во ситуација на тешко одржување на финансиска стабилност и на деловна активност. Надминување на состојбите е единствено можно со адекватни, добро испланирани и таргерирани мерки, кои ќе се дефинираат во блиска комуникација со реалниот сектор.

Според Горан Георгиевски, потпретседател на Агро-бизнис комората, за да има позитивен ефект одлуката за ограничување на цените на одредени производи потребно е да биде донесена во корелација со други мерки.

„Прво потребно е влезните инпути во сите компании да се стабилизираат, односно суровините и репроматеријалите конкретно во прехранбената индустрија да се овозмозможи да имаат соодветна минимална цена“, појасни Георгиевски.

Додаде дека е потребно стабилизирање на енергенсите во рамка во која државата би гарантирала одредени цени на електричната енергија и на гасот, од кои значително зависи висината на цената на производите.

„Имено во дадени услови на многукратно зголемени трошоци на инпутите во производните процеси, а при забрана за зголемување на цените на крајните производи, единствено можно решение е прекин на производството и отпуштање на вработените. Исто така, можно е и стимулирање на сивата економија, бидејќи во неможност производите да се набават по регуларен пат граѓаните ќе бидат принудени да ги набавуваат на друг начин што ќе донесе и до формирање на цени кои се многу повисоки од реалните, но ќе предизвика и несигурност во квалитетот на производите“, нагласи Георгиевски, истакнувајќи дека наместо за замрзнување на цените треба да се размислува за замрзнување на маржите, бидејќи тоа е она што во вакви услови може да спречи нереално зголемување на цените.

Претседателот на Агро-бизнис комора – Огнен Оровчанец, пак, смета дека за долгорочно стабилизирање на пазарот на храна треба да се имплементираат и долгорочни мерки, како што е формирање на една надлежна државна институција. Сега надлежностите се поделени меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како примарно, Министерството за економија во однос на економските мерки и политики, и Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за здравство како надлежни за безбедноста. Но, како што вели Оровчанец, секојдневната пракса покажува дека овие институции функционираат без меѓусебна поврзаност и координација, а при тоа никој не сноси одговорност за пропустите кои секојдневно се случуваат и од кои претпријатијата трпат штета.

„Одговорноста едноставно се префрла од еден на друг, без при тоа да се најде решение за проблемите кои постојат. Затоа сметаме дека е неопходно да постои едно министерство за храна, кое ќе биде целосно надлежно за сите прашања поврзани со оваа проблематика. Така ќе имаме системски и инклузивен пристап во регулирање на оваа значајна област, кој на граѓаните ќе им гарантира пристап до квалитетни прехранбени производи по реални цени. Ова барање Сојузот и Агро-бизнис комората досега неколку пати го има јавно истакнато, но веруваме дека состојбата во која се најдовме поради кризата уште еднаш ја апострофира неговата важност“, рече Оровчанец.

- Реклама -