Идниот германски канцелар Шолц поддржува задолжителна антиковид вакцинација

Берлин, 30 ноември 2021 (МИА) – Идниот германски канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека поддржува задолжителна вакцинација против Ковид-19 со цел да се запре скокот на инфекциите во земјата.

Шолц рекол дека гледа оти во Бундестагот има дебата за ова прашање меѓу сите партии, информираат од опкружувањето на идниот канцелар, пренесува Бета.

Според тој извор, Шолц на денешната средба со канцеларката во заминување Ангела Меркел и шефовите на 16 германски сојузни покраини посочил дека ќе ги поддржи таквите прописи. Според германските медиуми, се размислува за затворање на барови и клубови.

Германија досега ја отфрлуваше радикалната опција за задолжителна вакцинација, која ја избра соседна Австрија.

Неодамна во Германија беше одлучено да се воведе задолжителна вакцинација за персоналот во домовите за стари лица, но и за припадниците на армијата, а тоа наскоро треба да стапи во сила.

Здравствената состојба во земјата е неповолна, при што, денеска имало 452,5 заболени од Ковид на 100.000 жители.

Во Германија досега целосно се вакцинирани околу 57 милиони луѓе или 68,5 отсто од населението.

Задолжителната вакцинација, која мнозинството Германци долго време ја одбиваа, сега ја бараат две третини од нив, односно 64 отсто, покажа неодамнешната анкета на медиумите РТЛ и НТВ.

- Реклама -