Христидис: Грчката Влада јасно ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија

СПОДЕЛЕТЕ

Атина, 3 октомври 2021 (МИА) – За само десет дена, шефот на грчката дипломатија, алтернативниот министер за надворешни работи, но и самиот грчки премиер, на неколку пати, во различни прилики, јасно ја изразија цврстата поддршка за европската перспектива на регионот, испраќајќи порака дека Унијата не смее да го заборави Западен Балкан, но и да го испорача ветеното, јави дописничката на МИА од Атина.

Официјална Атина сѐ погласно ги изразува оваа поддршка и овој став, особено во пресрет на Самитот ЕУ- Западен Балкан, а со сличен став е и професорот на катедрата за балкански, словенски и ориентални студии на солунскиот Универзитет „Македонија“, Јоргос Христидис, кој воедно е и визитинг професор на Универзитетот во Софија, но и истражувач во ЕЛИАМЕП, а во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека е јасна поддршката на грчката Влада за европската перспектива на Северна Македонија, но и дека пролонгирањето на сегашната ситуација ги засега интересите на ЕУ во регионот.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за една седмица во три различни прилики, на три различни настани, се осврна на регионот, порачувајќи дека потребен е сигнал до регионот дека местото му е во ЕУ.

„Да не ја испуштиме можноста да го искористиме самитот ЕУ -Западен Балкан во Словенија за да се направи смел чекор напред, време е Европската Унија да испорача“, порача минатиот петок за време на обраќањето на Генералното собрание на ОН, а во четвртокот по средбата со премиерот на Словачка, Мицотакис истакна дека треба да се забрза интегративниот процес на Западен Балкан.

Сепак, се чини дека најјасна порака, Мицотакис испрати за време на неговото учество на „Athens Democracy Forum“, кога можеби и првпат јавно порача дека Грција не ја поддржува Бугарија во блокадата на европската перспектива на Северна Македонија, истакнувајќи дека тоа е „непотребна компликација“.

Професорот Христидис, коментирајќи ги овие ставови, вели дека „грчката Влада јасно ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, бидејќи добро разбира дека тоа е во корист, како на грчките национални интереси, така и на стабилноста и просперитетот на регионот“.

Секако, овде не може да не се забележи и еден „парадокс“: грчката Влада се покажува порешителна во поддршката на европскиот тек на Северна Македонија, до степен кога грчкиот премиер јавно изјавува дека „не ја поддржува Бугарија во проблемите што ги создава во европска перспектива на Северна Македонија“, отколку да ја промовира самата билатерална соработка меѓу Грција и Северна Македонија, врз основа на Договорот од Преспа, коментира професорот.

Со оглед на тоа дека Христидис е добар познавач и на бугарската политичка сцена, за односите Скопје-Софија, вели дека за моменталната исклучително тешка ситуација во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, тешко може да се прават предвидувања.

„Мислам дека сите ги чекаат бугарските избори и конечно формирање нова влада во Софија. Трети страни, но особено ЕУ, треба да понудат секаков вид добра услуга за двете земји, со цел да се најде решение што ќе овозможи свикување на првата меѓувладина конференција. Што е можно поскоро. Пролонгирањето на сегашната ситуација ги засега интересите на ЕУ во регионот“, вели Христидис.

Пендаровски во Атина на средби со грчкиот државен врв

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во вторник и среда ќе биде во официјална посета на Грција, што воедно е прва посета на претседател на нашата земја.

Професорот Христидис, за МИА, вели дека посетата е „знак за нормализација на билатералните односи“.

„Особено позитивен факт е претстојната посета на претседателот на Северна Македонија Пендаровски на Грција и средбите со грчкото раководство. Тоа е знак на ‘нормализација на билатералните односи’, како што прилега за две соседни земји. Посакуваното е контактите меѓу политичкото и државното раководство на двете земји да добијат редовен карактер“, потенцира професорот.

Сања Ристовска

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ