Заев нема да стане член на историската комисија, именувањето на фашизмот било политичка работа

„Назначувањето или именувањето на фашистичкиот окупатор не е дел од работата на историската комисија“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на зајадливо новинарско прашање дали планира да стане член на истата, со оглед на неговата изјава дека ќе се брише „бугарски“ секаде каде што стои „бугарски фашистички окупатор“ затоа што не смеело да се дава етничка димензија на фашизмот, која може да се толкува како мешање во историјата.

Комисијата го работи делот на историските моменти на тоа што се случувало – кој каков револуцинер или партизан бил, а политичкиот аспект бил дел од политиката и затоа го дискутира, „објасни“ Заев.

„Историската комисија работи досега на завршени пет области или пет историски личности и продолжува понатаму да работи на Гоце Делчев. Ние зборуваме за политичкиот дел на одлучувањето кое се однесува на иредентизам, кое се однесува на провокативност и не европски манири. Кога ќе видите во западно-европските земји, фашистичкиот окупатор нема етничка боја, нацонална боја. Затоа, секако на спомениците ќе остане ‘фашистички окупатор’, целта е да се избрише ‘бугарски’. Или ако има други одредени провокации кои што испраќаат порака кон нацијата а не кон фашизмот во тој период, не може да кажете дека градите искрено пријателство, добрососедство. Зборувам за спомениците, но и учебниците. Наше право и обврска е како ќе ги учиме следните генерации да го препознаат фашизмот, да го осудат фашизмот, да си ја учат историјата, а дел од нашата историја е фашистичката окупација“, рече премиерот.

Покрај ова, Заев додаде и дека, иако факт е дека земјава била под окупација на фашистите, соработници на фашистите имало и тука, во Македонија.

Сепак, тој истакна дека државава нема да испорача конкретни чекори сѐ додека не добие поддршка од Бугарија. „Ние имаме договор и очекуваме Бугарија да биде пријател и поддржувач на евроатланскиот процес“, рече премиерот.

Дел од граѓаните, пак, на социјалните мрежи, изјавата на Заев ја толкуваат како потврда дека веќе се остваруваат саркастичните забелешки дека на крајот ќе излезе дека ние сме биле фашисти, а не (тогаш) Бугарите.

- Реклама -