Филипче: Секој од нас е заменлив, никој не е венчан за функцијата

„Секој од нас е заменлив, никој не е венчан за функцијата. Тоа е мој генерален став по однос на сѐ“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во однос на оставката поради трагедијата во модуларната болница во Тетово, а во контекст на изјавата на премиерот Зоран Заев дека Филипче добро ја менаџира пандемијата и дека сега не е време да се поставува нов министер кому, според премиерот, би му биле потребни 6 месеци само за да се прилагоди.

Во однос на самата несреќа, министерот за здравство одбива да коментира.

„Се воздржувам од сите коментари сѐ додека трае истрагата. Се надевам дека ќе ја прифатите оваа аргументација, не сакам никако да се сфати во некоја форма во која што не треба“, рече тој, посочувајќи дека во истрагата за избувнувањето на пожарот во модуларната болница се вклучени институциите и обвинителствата и дека, како што рече, ќе дозволи најпрвин тие да излезат со заклучоци, а по завршување на тој процес ќе биде на располагање за сите прашања.

Филипче додаде дека процесот на проверка и на комуникација со директорите на болниците, како и проверка од страна на Санитарниот инспекторат, е завршен. Документацијата за модуларните болници, како што рече, е во проектната единица на Светска Банка во Министерство за труд и социјална политика и така е одговорено на барањата.

- Реклама -